Ова е еден од наједноставните колачи кои се прават од многу малку состојки. Ќе го засакате од првиот залак поради тоа што се подготвува брзо, а на вкус делува како да е многу скап и богат. Ретко кој го знае овој рецепт кој е вреден како злато. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 150 г шеќер, 150 мл млеко, 150 мл масло, 250 г брашно, 12 г прашок за печиво, 50 г ситно сечкани ореви. ЗА ФИЛОТ: 200 мл млеко, 100 г шеќер, 100 г чоколадо, 170 г кокос, чоколадо за прелив.




ПОСТАПКА: Јајцата и млекото оставете ги да отстојат на собна температура минимум 1 час пред подготовка на бисквитот. Скршете ги јајцата во еден подлабок сад, па веднаш потоа додајте го шеќерот. Измиксајте ги состојките околу 3 минути, со постепено зголемување на јачината на миксерот.




Кога ќе се зголеми волуменот на смесата и шеќерот ќе се растопи, постепено додавајте го млекото, па потоа и маслото. Кога ќе ги соедините сите состојки, измешајте го настрана брашното со прашокот за печиво. На неколку наврати додајте ги сувите состојки во влажните.




Соединете ги состојките со лажица или со шпатула, додека да се формира мазна и еднолична смеса. На крајот се додаваат ситно сечканите ореви и се соединуваат во мазната смеса. Во плех со димензии 37х26 см или слична големина, ставете хартија за печење и излејте ја смесата.




Убаво израмнете ја во плехот и малку истресете го од работната површина, за да излезат насобраните меурчиња од дното. Загрејте ја рерната на 200 степени, па испечете го бисквитот околу 25 минути, во зависност од јачината на рерната.




Кога бисквитот ќе се испече, оставете го да се излади, па избоцкајте го на неколку места со чепкалка. Во меѓувреме подгответе ги состојките за филот. ПОДГОТОВКА НА ФИЛОТ: Ставете го млекото во едно тенџере и додајте го шеќерот. Измешајте со шпатула, па ставете на рингла на средна температура, да се растопи шеќерот и млекото да се загрее.




Кога млекото ќе се загрее додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и смесата да стане чоколадна. Тргнете го тенџерето од рингла и додајте го кокосот, па соединете ја смесата додека да добие конситентност како мокар песок.




Додека филот е млак излејте го преку бисквитот, рамномерно распоредете го и израмнете ја површината. Веднаш преку филот декорирајте со чоколаден прелив, така што растопеното чоколадо ќе го ставите во готварски шприц и ќе направите линии преку филот.

Колачот послужете го на коцки со шолја кафе. Ова е еден од наједноставните и највкусните колачи кои нема да ви одземат многу време за подготовка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.