Рецепт на Саце од Саце Рецепти.Домашно тесто слично на мекици. Излегуваат многу парчиња, а толку се превкусни што веднаш се јадат. Одлични се за посните денови, а се подготвуваат само од неколку состојки.

Доколку имате газирана вода и брашно, тогаш фатете се за работа и подгответе ги овие лепињи. Немаат конкретно име па јас некогаш ги нарекувам лепињи, посни мекици, балони… Ова е одлична идеја за појадок, а се подготвуваат за 20 минути.

Воопшто не се масни, а одговараат за секој оброк. Може да се комбинираат во слатка или солена варијанта, во зависност од тоа дали постите, по ваша желба. Мекиците се толку многу меки и едноставни, а често ги подготвувале нашите баби кои со овој начин на исхрана доживеале долги слатки години.

Во овој рецепт користев газирана вода, но во стариот рецепт се користи сода бикарбона. Изборот на оваа состојка го оставаме на вас, а со сигурност ќе уживате во мекиците бидејќи се толку меки и воздушести, одлични за појадок, ужина, ручек или вечера.

Потребни состојки: 200 мл газирана вода, 1 мала лажичка сол, 1 лажица масло, 360 г брашно, масло за пржење.

Подготовка: Во сад ставете ја киселата вода, а потоа додајте ја солта и маслото и промешајте. Потоа постепено се додава брашното. Јас искористив 3 чаши брашно, но откога пресметав во грамови излегува 350 г.

Важно е постепено да го додавате брашното бидејќи така најдобро ќе го подготвите тестото според потребата. На крајот е потребно да се соединат сите состојки и да се формира мазно тесто кое нема да се распаѓа или да се лепи.

Додавајте по неколку лажици брашно и постојано мешајте ја смесата. Откога ќе се формира лепливо тесто може да преминете на месење со рака за да го формирате тестото.

Соединете ги сите состојки додека тестото повеќе нема да се лепи во садот или на рацете. Убаво формираното тесто е потребно да отстои во фрижидер 20 минути, но доколку го формирате тестото наутро, а вам ви се брза тогаш наместо да чекате 20 минути, тогаш продолжете да го месите тестото дополнителни 5 минути.

Доколку имате време, ставете го тестото во сад и ставете на површината проѕирна фолија и ставете го садот во фрижидер. Во меѓувреме испијте едно кафе или чај, како што тоа го направивме јас и сопругот.

По изминатото време, извадете ја фолијата, а тестото префрлете го на набрашнета и рамна површина и размесете го уште малку. Потоа со но ж поделете го тестото на 8 еднакви делови.

Тркалезното тесто сечете го како пица, вертикално, хоризонтално и дијагонално. Секој добиен дел од тестото оформете го во форма на топче како бомбица и наросете малку брашно врз секое.

Секое топче на набрашнета површина развлечете го со оклагија додека да добиете кружна кора со дебелина од приближно 2 – 3 мм. Повторете ја истата состојка со преостанатото тесто. Во претходно загреано масло во тавче, пржете една по една мекица.

При пржење на тестото, некои делови од него ќе набабрат, но тоа е всушност слаткиот дел при јадењето. Тестото е многу меко и сочно, а на некои делови е крцкаво. Пржете околу 2 минути на секоја страна, но може и помалку.

Откога тестото ќе добие златно-кафеава боја тогаш мекиците се готови. Доколку сакате да бидат покрцкави, пржете ги подолго време. Секоја од мекиците редете ја во чинија со хартија за да се впие маслото во хартијата, а мекиците да не бидат масни.

Во комбинација со тестото совршено оди јогурт, сирење, ајвар, сувомеснато, павлака или слатка варијанта со мармалад, а доколку постите може да комбинирате со зеленчук. Но, мекиците сами по себе се превкусни така што не е неопходно да ги комбинирате со нешто.

Коментар од читателка – Душанка: Појадок кој мојата мајка често го подготвуваше. Убаво е што ги учите младите како да готват по принципот на постарите. Ова е лесен и едноставен појадок кој можат сите да го направат, а е и доста здрав. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Во прилог на мекиците може да го подготвите овој посен намаз од лук кој е превкусен, а се подготвува неколку минути. Намазот може да го чувате во фрижидер неколку денови во фрижидер, најмногу една седмица.

Потребни состојки: 90 г мечкин див лук (сремуш), 2 лажици сончогледови семки, 2 лажици сусам, 10 бадеми, 10 индиски ореви или обични ореви, 2 урми, 3 лажици маслиново масло, 2 лажици сончогледово масло, сок од половина лимон, сол и црн пипер по вкус.

Постапка: Во блендер ставете ги сончогледовите семки, сусамот, бадемите и индиските ореви. Изблендирајте ги мешунките, а откога ќе се сомелат додајте ги урмите. Доколку имате свежи урми е одлично, но намазот може да се направи и со суви урми.

Доколку воопшто немате урми додајте една лажица мед во смесата. Важно е да се напомене дека овој намаз воошто не остава последици како силен и концентриран мирис од лук и не предизвикува никакви стомачни тегоби.

Повторно изблендирајте ја смесата, додека да се соединат урмите. Потоа исцедете сок од половина лимон во смесата. Доколку сте љубители на киселкаст вкус, додајте повеќе лимонов сок.

Ситно исечкајте го мечкиниот лук и соединете го со другите состојки. Додајте сол и црн пипер по желба. Потоа додајте маслиново масло и сончогледово масло. Доколку немате сончогледово масло, додајте повеќе маслиново масло.

Соединете ги сите состојки додека да добиете убава зелена боја од намазот. Покрај тоа што е многу вкусен намазот, исто така е многу здрав и може да се консумира за зајакнување на имунитетот.

Намазот складирајте го во тегла, а може да го комбинирате со најразлични јадења како мекици, тестенини или ориз. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска