Вкусни и мирисни колачи од старите рецепти. Во продолжение можете да го прочитате рецептот од Родна Трпеска кој содржи маст, а подолу го имате рецептот и за посни колачи. Овие колачиња се нарекуваат и “Мандаринки” и може да се полнат со фил од мандарини. Па, да ги проследиме овие прекрасни рецепти.
Фотографија и рецепт на Родна Трпеска. РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 250 мл млако млеко, 1 квасец, 1 лажица шеќер, 250 г свинска маст (да не се растопува), 2 жолчки, 1 јајце, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и брашно по потреба
За фил: 4 поголеми јаболка, 150 г шеќер или по вкус, 150 г мелени ореви и цимет по вкус
Постапка: Во 250 мл млако млеко ставете еден квасец и една лажица шеќер, промешајте и оставете да се активира.
Потоа додавате 250 г свинска маст, 2 жолчки, едно јајце, еден прашок за печиво и еден ванилин шеќер. Со постепено додавање на брашното замесувате средно меко тесто кое не лепи на рацете.
Од тестото се кинат парчиња, се формираат топки со величина по ваша желба, се прави вдлабнување, се полнат со фил и се затвораат, па повторно се формираат топки.
Се редат во плех и се печат во загреана рерна на 180 степени. Треба да се внимава да не заруменат премногу.
За фил: јаболката излупете ги и изрендајте ги, а потоа пропржете ги додека да им испари течноста. Додадете неколку лажици шеќер (околу 150 г), 150 г мелени ореви, малку цимет по вкус. Печените колачиња додека се топли се валкаат во шеќер во прав.
РЕЦЕПТ 2 – Посни колачи. Потребни состојки: 4 шолји масло, 2 шолји газирана вода или пиво, 1 супена лажица шеќер, 1 прашок за печиво и брашно по потреба (нешто повеќе од 500 г), да се добие тесто не премногу тврдо
За фил: 5 кисели јаболки, 50 г сечкани ореви, а може и повеќе, 200 г шеќер, ½ кесичка ванилин шеќер, по желба цимет
Постапка: Прво се приготвува филот: Во едно тенџере растопете го шеќерот, па кога ќе пожолти и растопи, додадете ги ренданите јаболка, претходно излупени и исчистени од семки.
Околу пет минути постојано мешајте на умерен оган. Потоа додадете цимет, сечкани ореви и ванилин шеќер. Промешајте и оставете да излади.
За тесто: од наведените состојки замесете тесто кое не треба да биде тврдо, но ниту да се лепи на раце. Некаде доаѓа нешто повеќе од половина килограм брашно, но тоа најмногу зависи од самото брашно. Тестото добро измесете го со раце, да биде мазно.
Кинете топчиња од тестото, развлечете ги на дланката, ставете по лажичка од филот, соберете како ружичка и обликувајте како топче.
Топчињата редете ги во плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 180 степени. Внимавајте да не ви потемнат, треба да бидат жолтеникави.
Додека се врели валкајте ги во шеќер во прав. Колачите се добри и неколку денови подоцна. А со пиво се уште повкусни.