Овој рецепт за сок за првпат го направив оваа година и требаше да ни стои во оставата додека навистина да дојде зима, бидејќи се нарекува „Зимски сок“. Не верував дека сокот нема „да издржи“ дури да дојде зимата, веднаш се испи, па сега ќе правам втора тура, бидејќи многу им се допадна на домашните.
Се приготвува од круши, праски и јаболка, но по личен вкус, може да додадете само два вида овошје во комбинација која вам ви се допаѓа. Се надевам дека некому ќе му биде од корист овој рецепт, навистина е многу вкусен и здрав. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 кг круши, 2 кг јаболка, 2 кг праски, 1 кг шеќер, 60 г лимонска киселина, вода по потреба (околу 6 литри или повеќе). ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 2 кг јаболка, 1 кг моркови, 500 г шеќер, 1 кесичка лимонтус.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Излупете ги крушите, јаболката и праските. Овошјето треба да биде здраво, да нема потемнети делови, одбирајте здрави плодови. А доколку на некој плод забележите некакво оштетyвање, отстранете го тој дел.
Во едно тенџере на умерен оган прво ставете ги крушите, кога малку ќе омекнат додајте ги јаболката и праските во неколку литри вода – јас ставив околу 6 литри. Кога овошјето ќе се свари, извадете го од водата (зачувајте ја водата во која се вареше) и овошјето изблендирајте го со рачен блендер или во обичен.
Овошјето вратете го во тенџерето и измешајте го со водата во која е варено. Доколку е потребно, додајте повеќе вода додека сокот да добие густина по ваша желба. Додајте го шеќерот и варете додека да зоврие и шеќерот да се растопи. На крајот додајте лимонска киселина.
Сокот се складира во чисти стаклени шишиња. На крајот се пастеризира, а потоа се завиткува во крпа и се остава да се олади преку ноќ. Има одличен вкус, содржи многу нутриенти и на дечињата им е омилен овој мултивитамински сок. Количината на шеќерот може да ја одредите според ваш вкус, иако во овој рецепт 1 кг е доволно според останатата количина на состојки.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Излупете ги и исечкајте јаболката и морковите. Ставете ги морковите во еден сад и прелијте ги со вода, само колку да бидат прекриени, па вклучете ја ринглата да се сварат.
Кога морковите ќе омекнат, во истиот сад додајте ги јаболката, повторно додајте вода колку да се покрие овошјето. Варете околу 30 минути, а потоа тргнете го од оган и сомелете го овошјето со блендер. Додајте го шеќерот и лимонтусот и по желба додајте вода по потреба до саканата густина на сокот. Шеќерот исто така се додава по вкус.
Вратете го тенџерето на оган и почекајте да зоврие, па оставете да се вари уште 5 минути. Кога ќе биде готов, сокот складирајте го во претходно стерилизирани шишиња во рерна на 90-100 степени околу еден час.
Најдобро е сокот да отстои 1 ден пред да почнете да го користити. Јас го направив сега за првпат, но според начинот на подготовка во други рецепти видов дека има рок на траење до 6 месеци. /Сoolinarka.com