Оваа торта е толку убава и вкусна што можете да ја приготвите и во темна варијанта, за што треба белото чоколадо да го замените со темно. Исто така, наместо сок од портокал може да употребите од ананас или некој по ваш избор, а во темната варијанта одлично одговара сок од вишни или малини. Еве што ви е потребно според рецептот на Тајана:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 јајца, 180 г шеќер, 100 г брашно, 50 г чоколадо (бело или црно), 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г или половина кесичка), 1 прстофат сол. ЗА КРЕМ: 1 литар млеко, 4 јајца, 7 полни супени лажици густин, 300 г шеќер (или по вкус), 100 г чоколадо (бело или црно), 250 г путер или маргарин, 50 г шеќер во прав, 100 г ситно сечкано чоколадо (млечно или по ваш избор), 100 г сечкани ореви (лешници или бадеми), 3 лажици/кесички ванилин шеќер. И уште: сок од 2 портокали




ПОСТАПКА: Јајцата оставете ги кратко да отстојат на собна температура, па во посебни садови одделете ги белките од жолчките. Во белките додајте прстофат сол и пенасто изматете ги со миксер додека да добиете цврсто шне (снег).




Додека непрекинато матите со миксерот започнете постепено да ги додавате жолчките, една по една. На овој начин јајцата за многу пократко време се изматуваат во кремаста и пенлива смеса. Потоа додајте растопено и малку подизладено чоколадо, а на крај просеано брашно помешано со прашок за печиво.




Целата оваа количина е за две кори. Најдобро е да ги изматите и испечете една по една, што значи, да изматите една кора од четири јајца, 90 г шеќер, 25 г чоколадо, половина лажичка прашок за печиво, трошка сол, а додека се пече да ја изматите втората кора од истите состојки.




Смесата за една кора излејте ја во тркалезен калап за торти со пречник од приближно 26 см, со обложено дно со хартија за печење и намастен обрач со малку путер. Целата смеса можете да ја излеете и во големиот плех од рерна, а кога ќе се олади да го пресечете на половина.




ЗА КРЕМ: Млекото со половина од шеќерот и ванилин шеќерот ставете да грее на пареа. Јајцата изматете ги со миксер, заедно со густинот и остатокот од шеќерот, па смесата полека додајте ја во зовриеното млеко додека непрекинато мешате. Варете го кремот на намалена температура додека да згусне малку повеќе од пудинг.




Сварениот крем тргнете го од оган и веднаш додајте 100 г чоколадо искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини. Оставете да се олади со повремено промешување за да не фати коричка или пак, покријте го со проѕирна-стреч фолија.




Путерот омекнат на собна температура пенасто изматете го со шеќерот во прав, а потоа матејќи и натаму со миксерот додавајте лажици по лажица од оладениот крем и мешајте додека да добиете компактна, нежна и свиленкаста смеса.




На крај со лажица додајте ги мелените ореви и ситно сечканото млечно чоколадо (или некое друго меко чоколадо по ваш избор). Пред филување натопете ја долната кора со сок од портокал па премачкјате со фил.

Поклопете со втора кора, натопете со сок и премачкјате со остатокот од филот. Декорирајте со сечкани ореви или чоколадо. Оладете ја во фрижидер, а пред послужување оставете ја 10 минути на собна температура. / Тајана од Slaѕnoioрaѕno.blogѕрot.сom