Нема поубав и поздрав начин за да си ја повратите силата после работа на отворено во овие летни денови. Направете си „жетварска салата“ на брз, лесен и едноставен начин. Нема поедноставна салата од оваа.
Жетварската салата им била омилената на нашите предци кога морале летно време да работат на полињата, да ораат, копаат и жнеат… На лето освежителна и при жетва, а зимно време за диета и пости.
Затоа е наречена и жетварска. Лесно се прави и не е скапа, а многу е здрава и корисна. Се приготвува од вода, млади кромитчиња, краставички, магдонос… оцетче, сол и лук по желба.
На денешни услови, во салатата се ставаат и коцки мраз за да биде уште поосвежителна, а порано тоа била чистата изворска вода. Се послужувала со свежо испечен леб, можеби и парче сирење или кој што имал, а се јадела и само така.
Денес ја послужуваат во некои кафеани како мезе за со ракија. Ќе ви претставиме неколку варијанти на оваа салата, а во коментар можете да ни кажете како вие или вашите баби и дедо ја приготвувале оваа освежителна салата:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 краставица, 2-3 супени лажици оцет, 2-3 лажици масло, 1 главица лук, 1 китка ситно сечкан свеж магдонос, неколку коцки дробен мраз, сол по вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 краставица, 1 чаша ладна вода, 1 супена лажица масло, 1 супена лажица вински оцет, 1 лажица сол, по желба малку ситно сечкан лук
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1-2 китки млад кромид, вода, сол и оцет. Постапката за оваа салата е едноставна: исечкјате ги кромитчињата, посолете, додајте вода и оцет и тоа е тоа.
ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 1: Лукот излупете го и исечкјате го ситно, додајте малку сол и истолчете за да добиете кремаста смеса. Ако немате толчник можете да користите и блендер.
Краставицата излупете ја и ситно исечкајте ја на коцки, па додајте ги во садот со лукот. Сипете оцет, масло и додајте го ситно сечканиот магдонос. Промешајте и проверете дали е доволно солено.
На крај додајте издробени коцки мраз и сервирајте во земјен сад со дрвена лажица како што некогаш се јадело. Послужете со оладена домашна ракија. Додека полека пиете мразот постепено ќе се топи и ќе ја одржува салатата ладна.
ПОСТАПКА ЗА РЕЦЕПТ 2: Краставицата излупете ја и исечете ја на коцки, посолете и зачинете со оцет и масло, а кој сака по желба може да додаде и 1-2 ситно исечкани чешниња лук. Додајте студена вода, промешајте и послужете.