Питата со спанаќ е најубавото македонско јадење кое го подготвуваа нашите предци, а се јадеше со многу љубов, додека да се исполни душичката, но и стомачето. Питата може да ја подготвувате со повеќе различни филови, но дефинитивно, посебно место има онаа со спанаќ и кајмак. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г брашно, 8 г сол, 2 јајца, 120 мл масло, 350 мл вода. ЗА ФИЛОТ: 800 г спанаќ, 600 г младо сирење, 200 г кајмак, 8-10 г сол или по вкус, во зависност од соленоста на сирењето.




ПОСТАПКА: Замесете тесто од наведените состојки. Во брашното додајте ја солта, јајцата и маслото, па млаката вода додавајте ја постепено за да добиете ни премеко, ни претврдо тесто. Тестото треба да биде еластично, да не се лепи на рацете. Тестото се замесува релативно брзо и не бара многу месење, веднаш се соединува.




Обликувајте го со рацете и намастете го со масло. Поделете го тестото на 4 еднакви делови и оставете го неколку часови да отстои на собна температура покриено со проѕирна фолија или кеса. Може и цела ноќ во фрижидер, но доволни се 2 часа.




Дваесеттина минути пред да ја правите питата тргнете ја фолијата и оставете го малку да отстои на собна температура. Во меѓувреме подгответе го филот: Спанаќот сварете го претходно, додека да се исчисти и исечкајте го на поситни парчоња. Додајте го младото сирење, кое треба да биде претходно иситнето, посолете по вкус и ставете го кајмакот. Соединете ја смесата во еднолична смеса.




Потоа преминете на подготвување на тестото. Набрашнете ја подлогата и ставете чаршаф врз неа. Најдобро е тестото да го развлекувате на голема површина, на маса. Започнете со развлекување на корите, прво со оклагија, а потоа и со раце.




Развлечете го тестото со оклагија најмногу на средина, а потоа почнете да го тегнете со рацете. Распостелете ја кората преку целата маса. Кога се развлекуваат корите, важно е тоа да го правите полека и трпеливо, а најважно од сѐ, да го правите со љубов.




Кога ќе ја развлечете првата кора, испрскајте ја со малку масло, ставете од филот, па виткајте ја до половина како ролат од едната подолга страна, а потоа и од другата, за да се спојат на средината. Поделете ја кората според големината на плехот во кој ќе печете, во мојот случај, ја поделив на 3 еднакви кори.




На истиот начин подготвувајте ги и останатите кори, кои треба да ги развлечете и да ги наполните со фил, а потоа редете ги во тепсијата и одозгора премачкајте ги со масло.

Кога ќе се исполни целата тепсија, ставете ја питата да се пече во добро загреана рерна, на 200 степени или печете според вашата рерна додека убаво да зарумени (околу 20-тина минути).

Секогаш со нож проверете дали питата е печена и одоздола, па ставете ја и на најдолната решетка за да се потпече убаво. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.