„За толчен пинџур нема сезона; дали е лето или зима, секогаш е добредодејден на трпезата“, вели нашата драга членка Natalie Gajduk-Bikoff која го сподели рецептот во групата НМД рецепти.

Пинџурот е омилената македонска мезе-салата која најчесто се послужува летно време. Но, како што вели Натали, за оваа салата нема сезона, па се приготвува во секој период од годината.

„толчен пинџур“ – Natalie Gajduk-Bikoff




Еве како пинџурот го приготви Натали: „ Истолчив 12 благи печени пиперки, 3 лути, 8 печени домати и 1 печен модар патлиџан. Додадов 5 толчени чешниња лук, сол, бибер и полеав со врело масло. Убаво сирење и р‘жано лепче на страна и не можеш да престанеш да јадеш“. Во продолжение прочитајте го рецептот и на Снежана Бошкова:

„толчен пинџур“ – Natalie Gajduk-Bikoff




Ова е омиленото макало кое може да се послужи самостојно или како прилог со главното јадење. Кога ќе почнете да го јадете, нема застанување… Толку многу е вкусно! Фотографија и рецепт на Снежана Бошкова.




Потребни состојки: 20-тина зелени пиперки (може неколку лути пиперки, по желба), 10- тина чешниња лук, 3-4 црвени домати, *може и 1-2 модри патлиџани, магдонос по желба, масло за јадење и сол по вкус




Постапка: најпрво измијте ги пиперките, избришете ги и испечете ги убаво од сите страни. Печените пиперки ставајте ги во кеса и оставете ги така да изладат. Потоа излупете ги и извадете им ги семките.




Исто како пиперките, така и доматите запечете ги на оган. Лукчето убаво излупете го, исечкајте го ситно, посолете го и убаво истолчете го. Пиперките исечете ги на помали парчиња, па и нив постепено додавајте ги во лукот и толчете ги.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)




Толчете ритмично и еднакво за да спојат вкусовите. Потоа додавајте ги исечените домати, па заедно убаво промешајте. Посолете по вкус.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)




На оган ставете малку масло да се загрее. Кога маслото ќе почне да зоврива, попарете го одозгора пинџурот и убаво промешајте. Оставете некоја минута убаво да се впие маслото и да се соединат вкусовите. Послужете со ситно сечкан магдонос. Фотографија и рецепт на Снежана Бошкова

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)




ВАШИ КОМЕНТАРИ:

Коментар на Панче Иванов: „Може да се користи како салата, а може како јадење со домашно сирење. Може да се додаде и модар патлиџан, се разбира печен, па пинџурот ќе добие уште повеќе на вкус. Пријатно.“

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)




Коментар на Живка Ангеловска: „Три килограми зелен пипер, лут или благ, два килограми црвен домат и два-три модри патлиџани, зависи од големината.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

Сè се пече, малку се исцедува во цедалка, па се ситни и се става во сад за толчење, каде претходно е истолчен лук по желба заедно со сол. Убаво се толчи целата смеса. Се загрева маслото и се прелива смесата, се промешува и се остава малку да отстои. Пријатно.“