Родум од Антиохија Писидиска, од родители незнабошци. Дури во својата дванаесетта година слушна за Господ Исус Христос, дека се воплоти од Пречистата Дева, дека изврши многу чуда, прими крстна смрт и славно воскресна.

Нејзиното младо срце се распали со љубов кон Господ и таа се заветуваше дека никогаш нема да се мажи и со сета душа сакаше да пострада за Христа, да се крсти со крв на мачеништво.

Татко ѝ ја замрази заради нејзината вера и не ја сметаше за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дозна дека е христијанка, побара од неа најпрво да му биде жена.

А кога го одби, ѝ нареди да им се поклони на идолите, на што света Марина одговори: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создател“.

Тогаш Олимвриј ја стави на маки, па целата изнаранета ја фрли во затвор. Во затворот Марина Го молеше Бога и по молитвата ѝ се јави најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намотка околу главата.

Но, штом светителката се прекрсти, змијата се распукна и исчезна. Тогаш ја заблесна небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнаа и се јави крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, од која се слушна глас: „Радувај се, Марино, словесна гулабице Христова, ќерко на севишниот Сион, зашто дојде денот на твојата радост.“

Тогаш, со силата Божја, беше исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачеше во оган и во вода, но Марина сè претрпе како во туѓо тело. Најпосле ја осуди на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јави Господ Исус со ангели.

Беше заклана во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата остана да живее на небото и на земјата. Една рака од света Марина се наоѓа во манастирот Ватопед на Света Гора. Во Албанија пак, на планината Ланга, над Охридското Езеро, се наоѓа манастир на света Марина со дел од нејзините чудотворни мошти. Во овој манастир се случуваа и се случуваат многубројни чуда и за нив сведочат не само христијаните туку и муслиманите.

Кон оваа светителка Турците имаат толкава почит, што никогаш не посакале да посегнат по светоста и имотот на манастирот. Едно време тутор на овој манастир беше Турчин.

30. Јули † св.Марина – Огнена Марија.

Празникот во чест на великомаченичка Марина (Огнена Марија) кај народот наречена Марена се слави секоја година на 30 Јули, а овој ден се смета за најтопол ден во годината.

На овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта.

Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење и била отсечена главата, околу 270 година.

Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина.

За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.

Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген, исто така, имаме асоцијација на оган, а и светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија.

И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина – многу топло) или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.

Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнуат тој ден за „чурец“.

Во Охрид како што запишал Е. Спространов Света Марена ја држеле за да не стануваат бури. „Та је пала – и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дождој – да чуват Господ је“. Е. Спространов уште го забележал преданието дека „Света Марена била жива. Манастирот и се наоѓал во Л’нга.

Еднуш еден Турчин је го украл стреброто и го продал на еден кувенџија. Кувенџијата го стопил и се спалајл. Тога ошол во манастирот пред Света Марена и је се молел. Ко да се молел по кротко, та се смејела; а ко да се бијал пак, ко да плачел и таја плачела од жалба. Фенерлија је Света Марена и иконата нејзина је фенерлија“.

Во Гевгелиско, празникот Св. Марена (Огнена Марија) го сметале за лесен празник, но сепак, сметале дека на овој ден не треба да се работи. Повеќе го празнувале жените зашто го сметале за женски празник.

Празникот на св. Марена (Огнена Марија) како селски празник се празнува во селото Зубовце, Гостиварско. Како што пишува Гале Фидановски според преданието некогаш кога фатила голема суша испукала земјата во полето.

Кога сушата се заканувала со уништување на родот во полето чудотворната Огнена Марија го донесла дождот и подарила богат род. „И оттогаш во чест на светицата се држел еднонеделен строг пост со верба, со надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна.“

Спроти празникот жените оделе во црквата „Света Марија“, каде што носеле лепче-проскурник (проскура), варена пченица и шише ракија. На денот на празникот и мажите и жените оделе во црквата на свечена утринска богослужба.

Тука се осветувале панаѓиите што ги носеле некои семесјства, кои потоа се кршеле и се делеле меѓу присутните. Нафора (мали парлиња леб) се носеле дома и за здравје се давале на членовите од семејството коишто не биле во црквата на утринската литургија.

По ручекот сите оделе на средселото на оро, а веселбата продолжувала до вечерните часови. На овој ден се правеле и по неколку свадби. По извесен прекин на празнувањето, поради атеистичкиот режим по Втората светска војна, последните години тоа повторно е обновено.

Во црквата се носат панаѓии, се кршат на мали парчиња, а двајца што ќе ги најдат паричките се кумови за следниот празник. Кумовите со пијалок и мезе ги честат сите што присуствуваат на утринската литургија.

И Ефрем Каранов запишал верување од Кратовско дека „Горешници се празнуват три дни и зафаќат на Свети Кирик и Јулита на крајот на јули. Тие се од оган: кој не ги празнува Горешници, ќе му изгоре нешто преку годината.“

Интересно предание за оваа светица забележал и К. Шапкарев. Тој сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој ден 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата како грчката Деметра и бугарската Жива.

Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари – момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози.

Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата жетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!“ Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел.

Очигледно во најтоплиот период од годината, на празнувањето споменот на неколкумина свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со оганот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки.