Денес се празнува Свети Јован- летен, повеќе познат како Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.
Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
Иванден е еден од големите христијански празници од летниот циклус каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов.
Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневицата.
Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето.
Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ.
Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иваново цвеќе, коешто го ставаат во ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.
Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гавриил му се јавил на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм.
Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица.
Захарија не поверувал веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врзал со немост, па останал нем сѐ до осмиот ден по раѓањето на Јован.
Тој ден се собрале роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име.
Па кога го прашале таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напишал на табличка: Ј о в а н. Јазикот му се одврзал во тој час и тој почнал да говори.
Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гавриил му се јавил на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм.
Домот Захариев бил на височината меѓу Витлеем и Хеброн. Гласот дека на Захарија му се јавил ангелот Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесел по сиот Израил. Овој глас стигнал и до Ирод.
Затоа Ирод, кога испратил да се заколат децата во Витлеем, пратил луѓе и во ридското престојувалиште на семејството Захариево, за да го убијат и Јован.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат.
Имено вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
На Иванден, рано наутро мажите, жените и децата оделе во лозјата и береле растение наречено „наваличе“ кое го ставале на дуќаните за да навалуваат муштериите. Обичајот „Тајане“ бил познат во Битола, Крушево, Прилеп и други места, со тоа што во Прилеп го изведувале само девојчиња.
Во Мала Преспа според сведоштвото на Стерјо Спасе на Иванден се пеела
песната:
Ивано, Иван девојко,
качи се горе на Иван,
на Иванови врвови,
да видиш поле втасано,
фтасано и обелено!
Да видиш пченица класана,
да видиш снопје врзани.
Ивано, Иван девојко,
што си вечера зготвила?
‒ Погача, пресна ржена,
циронќи со штир варени.
Во Струга било обичај на Иванден да се касне јаболко за здравје. Поради тоа уште од есента се чувале јаболка во слама или во ковчези.
Тие што не зачувале јаболко многу скапо го плаќале, само на тој ден да се касне, ако не да се изеде цело јаболко барем секој член од семејството да изеде по едно парче.