Смислата на бракот е во причинувањето на радост. Се подразбира дека брачниот живот е најсреќен, најпотполн и најбогат. Тоа е совршена Божествена установа. Божествената замисла се состои во тоа бракот да донесува среќа, животот на мажот и жената да ги прави потполни, за никој од нив да не загуби, туку и двајцата да победат.

Ако бракот сепак не е среќен и не го прави животот побогат и потполн, вината не е во брачната врска, вината е во луѓето што се соединиле во неа.

Бракот е божествен чин. Тој бил дел од Божјата замисла кога Бог го создал човекот. Тоа е најблиската и најсветата врска на земјата.

По склопувањето на бракот, првите и главни обврски на мажот се кон жената, а на жената кон мажот. Тие мора да живеат еден за друг, еден за друг и животот да го даваат.

Порано и двајцата биле несовршени. Бракот е соединување на две половини во единствена целина. Двата животи се поврзани во толку блиска врска, што веќе не постојат два живота, туку еден. И двајцата, до крајот на својот живот носат света одговорност за среќата на другиот.

Денот на свадбата треба секогаш да се памети и да се издвојува од сите други посебно важни датуми во животот. Тоа е ден чија светлина до крајот на животот ќе ги осветлува сите други денови.

Радоста заради склопувањето на брак не е бурна, туку длабока и мирна. Кога се соединуваат рацете и се изговараат светите свечени ветувања, над брачниот олтар долетуваат ангели и тивко ги пеат своите песни, а потоа го заштитуваат среќниот пар со своите крилја, кога започнува нивниот заеднички животен пат.

Поради вина на оние што се зеле, на едниот или на двајцата, животот во бракот може да стане и несреќен. Можноста за среќа во бракот е многу голема, но не смее да се заборави ниту на можноста за пропаѓање на бракот. Само правилен и мудар живот во бракот ќе помогне да се постигнат идеални брачни односи.

Првата лекција која човекот треба да ја научи и исполни е трпението. На почетокот од семејниот живот се откриваат, како доблестите на карактерот, така и недостатоците и специфичноста на навиките, вкусот и темпераментот, за кои другата половина не ни претпоставувала дека постојат.

Понекогаш се чини дека е невозможно да се навикнат еден на друг, дека конфликтите ќе бидат вечни и безнадежни, но трпението и љубовта совладуваат се’, и двата живота се слеваат во еден, поблагороден, посилен, попотполн и побогат и тој живот ќе се продолжи во мир и спокојство.

Должност во семејството е давање на несебична љубов. Секој мора да заборави на своето „јас”, посветувајќи се себеси на другиот. Ако нешто не е како што треба, треба да се обвинуваме себеси, а не другиот. Неопходни се издржливост и трпение, бидејќи нетрпението може да расипе се’. Остриот збор може да го забави соединувањето на душите (на брачници те) за цели месеци.

Од двете страни мора да постои желба бракот да се направи среќен и да се совлада се’ што претставува пречка за тоа. И најсилната љубов треба секојдневно да се зацврстува. Најнепростива грубост е токму онаа, што ја правиме во сопствениот дом кон оние што ги сакаме.

Уште една тајна за среќа во семејниот живот е вниманието на еден кон друг. Мажот и жената мора постојано еден кон друг да покажуваат знаци на најнежно внимание и љубов.

Среќата во животот се состои од одредени мигови, од ситни задоволства кои бргу се забораваат, од бакнежи, насмевки, добар поглед, срдечен комплимент и безброј мали, но добри мисли и искрени чувства. На љубовта исто така и’ е потребен нејзиниот секојдневен леб.

Постои уште еден важен елемент во брачниот живот – тоа е единство на интересите. Ниту една грижа на жената не смее да изгледа премногу ситна, дури ниту за гигантскиот интелект на најголемиот маж. Од друга страна, секоја мудра и верна жена со задоволство ќе се интересира за работата на својот маж. Таа ќе посака да дознае нешто за секоја негова нова идеја, план, тешкотија и недоумица. Таа ќе посака да знае кој негов потфат успеал, а кој не, и да биде во тек со сите негови секојдневни работи.

И двете срца нека ги делат и радоста и страдањата. По половина нека ја делат тешкотијата од грижите. Се’ во нивниот живот нека биде заедничко. Тие треба заедно да одат во црква, да се молат еден покрај друг, заедно пред Бога да ја изнесуваат тежината од грижите за своите деца и за се’ она што им е скапоцено. Зошто да не разговараат за своите иску шенија, сомнежи и тајни желби и да не си помогнат еден на друг со сочувствување и со зборови на охрабрување?

Така ќе живеат еден живот, а не два. Секој од нив во своите планови и надежи, задолжително мора да мисли на другиот. Не смеат да имаат никакви тајни еден пред друг. Мора да имаат само заеднички пријатели. На тој начин двата живота ќе се слеат во еден и ќе ги делат и мислите и желбите и чувствата и радоста и тагата и задоволството и болката.

Плашете се од знаците на најмало недоразбирање или отуѓување. Наместо човек да се воздржи, тој изговара глупав и невнимателен збор и еве, помеѓу двете срца, кои дотогаш биле една целина, се појавува мала пукнатина, која се’ повеке се шири, додека тие засекогаш не останат одделени едно од друго. Сте кажале нешто непромислено? Веднаш барајте прошка! Се случило некое недоразбирање? Не е важно по чија вина е, не дозволувајте тоа да остане помеѓу вас.

Воздржувајте се од кавги. Не одете на спиење таејќи во себе гневни чувства. Во семејниот живот не смее да има место за гордост. Никогаш не треба да се храни чувството на навредена гордост и скрупулозно да се мери кој треба да бара прошка. Оние кои вистински љубат, не смеат да се занимаваат со такво барање правда, тие секогаш се подготвени да се повлечат и да се извинат.

Без Божјиот благослов, ако Бог не го освети бракот, сите честитки и добри желби од пријателите ќе бидат празни зборови. Без Божјиот секојдневен благослов на семејниот живот, дури и најнежната и најискрена љубов не ќе може да даде се’ што му е потребно на жедното срце. Без благослов од Небото, сета убавина, радост и вредност на семејниот живот можат, во било кој момент, да бидат уништени.

Во уредувањето на домот мора да учествуваат сите членови на семејството и најпотполна семејна среќа може да биде постигната кога сите чесно ги исполнуваат своите обврски.

Еден збор опфаќа се’ – тој збор е “љубов”. Во зборот “љубов” има цело море од мисли за животот и должноста, и кога упорно и внимателно ги изучуваме, секоја од тие мисли станува јасна и прецизна.

Кога овенува убавината на лицето и се гаси сјајот во очите, а со староста доаѓаат брчки или оставаат свои траги и белези болестите, тагите и грижите, љубовта на верниот маж мора да биде исто толку длабока и искрена како и порано.

На земјата нема мерка која може да ја измери длабочината на Христовата љубов кон Неговата Црква и ниту еден смртник не може да сака со исто толкава длабочина, но сепак, секој маж е обврзан да го прави тоа во онаа мерка, во која љубовта може да се повтори на земјата. Ниту една жртва не треба да му изгледа преголема за неговата сакана.

Во љубовта е потребна посебна деликатност.

Човекот може да биде искрен и верен, а сепак во неговите зборови и постапки да недостасува онаа нежност, која толку го плени срцето. Еве совет: не покажувајте го своето лошо расположение и чувствата на навреденост, не зборувајте гневно, не постапувајте лошо.

Ниту една жена нема толку да страда заради острите или непромислени зборови што изле тале од вашата уста, како вашата сопствена жена. А најмногу од се’, плашете се да ја растажите токму неа. Љубовта не ти дава право да се однесуваш грубо кон оној што го сакаш. Колку односите се поблиски, толку поболно му е на срцето од поглед, гест или зборови изговорени во нервоза или едноставно непромислени.

Секоја жена мора да знае дека, кога е вознемирена или има некои потешкотии, секогаш кај својот маж може да најде безбедно и тивко засолниште. Таа мора да знае дека тој ќе ја сфати, дека кон неа ќе се однесува многу тактично, дека ќе употреби сила за да ја заштити.

Таа никогаш не смее да се посомнева во тоа дека тој ќе сочувствува со неа во сите тешкотии. Таа никогаш не треба да се плаши дека може да наиде на студенило или прекор кога ќе дојде да бара заштита кај него.

Ако едниот сопружник го почитува другиот – и тој е возвишен, а ако не – и тој е понижен.

Човекот треба да се советува со својата жена за сите работи и да има доверба во неа. Можеби таа нема да се разбира во работите како него, но можеби ќе предложи нешто многу скапоцено, бидејќи женската интуиција честопати работи побргу од машката логика.

Меѓутоа, дури и ако жената не може да му помогне на мажот во неговата работа, љубовта кон него ја принудува да се интересира за неговите грижи. Таа е среќна кога тој бара совет од неа и така тие уште повеќе се зближуваат.

Ако денот бил успешен, таа заедно со мажот ја дели неговата радост, а ако бил неуспешен, таа, како верна жена му помага да ги преброди непријатностите и го охрабрува.

Рацете на мажот, вдахнат со љубов, треба да умеат се’ да направат. Секој маж кој љуби, треба да има големо срце. Секој маж на жената Христијанка, мора да се соедини со неа во љубовта кон Христа. Од љубов кон неа, тој ќе помине низ искушенијата во верата. Делејќи го нејзиниот живот исполнет со вера и молитва, тој и својот живот ќе го врзе за Небото.

Обединети на земјата со заедничката вера во Христа, излевајќи ја својата заемна љубов во љубов кон Бога, тие ќе бидат вечно соединети и на Небото. Зошто срцата трошат години на земјата сраснувајки во едно, преплетувајќи ги своите животи, слевајќи се со душите во еден сојуз, за тој да може да се достигне дури по смртта? Зошто да не се стремат веднаш кон Вечноста?

Не само што среќата на мажот зависи од жената, туку и развојот и растот на неговиот карактер. Добрата жена е благослов од Небото, најубав дар на мажот, негов ангел и извор на безброј богатства:

Нејзиниот глас за него е најслатка музика, нејзината насмевка му го осветлува денот, нејзиниот бакнеж е чувар на неговата верност, нејзините раце се мелем за неговото здравје и за целиот негов живот, Нејзината срамежливост е негов најдобар економ, нејзините усни негов најдобар советник, нејзините гради најмека перница на која се забораваат сите грижи, а нејзините молитви негов застапник пред Господа.

Верната жена не треба да биде фантазија на поетот, ниту убава слика, ниту ефемерно суштество кое човек би се плашел да го допре, туку таа треба да биде здрава, силна, практична и вредна, способна да ги исполнува семејните обврски, а која сепак се одликува со онаа убавина, која на душата и’ дава возвишена и благородна цел.

Прва работа што се бара од жената е верноста, верност во најширока смисла на зборот. Срцето на нејзиниот маж мора да и’ се доверува без страв. Апсолутната доверба е основа на верната љубов.

Сенката на сомнежот Ја нарушува хармонијата на семејниот живот. Верната жена со својот карактер и однесување, докажува дека е достојна за довербата од сопругот. Тој е сигурен во нејзината љубов, знае дека нејзиното срце постојано му е верно. Знае дека таа искрено ги поддржува неговите интереси.

Многу е важно мажот да може да и’ го довери водењето на сите домашни работи на својата верна жена, знаејќи дека се’ ќе биде во ред. Расипништвото и екстравагантноста на жената им ја уништиле среќата на многу брачни парови.

Секоја верна жена се интересира за она што го интересира нејзиниот сопруг. Кога му е тешко, таа се труди да го охрабри со своето сочувствување и искажување љубов. Таа со ентузијазам ги поттикнува сите негови планови. Таа не е товар на неговиот грб. Таа е сила во неговото срце, која му помага да стане се’ подобар.

Но, не се сите жени благослов за своите сопрузи. Понекогаш жената се споредува со растението ползач, кое го обвиткува силниот даб – својот сопруг.

Верната жена го прави животот на својот сопруг поблагороден и позначаен, насочувајќи го со силата на својата љубов кон повозвишени цели. Кога таа, полна со доверба и љубов, ќе се привие кон него, во него се будат најблагородните и најбогатите црти на неговата природа. Таа во него поттикнува храброст и одговорност. Таа му го прави животот преубав, ги ублажува неговите остри и груби навики, ако имал такви.

Меѓутоа, има и такви жени кои се слични со билките-паразити. Тие се обвиткуваат околу својот сопруг, но самите не придонесуваат ништо. Тие не подаваат рака за помош. Се излежуваат на креветите, се шетаат по улиците и сонуваат над љубовните романи.

Тие се потполно бескорисни и како такви стануваат товар и за најнежната љубов. Наместо животот на сопругот да го прават посилен, побогат и посреќен, тие само им пречат на неговите успеси. Резултатот е многу беден и по неа.

Верната жена се припива и го обвиткува сопругот, но исто така и му помага и го инспирира. Нејзиниот сопруг на сите полиња чувствува како нејзината љубов му помага. Добрата жена е чуварка на семејното огниште.

Некои жени размислуваат само за романтични идеали и ги занемаруваат своите секојдневни обврски, а со тоа не ја зацврстуваат својата семејна среќа. Чести причини за уништување и на најсилната љубов се: непедантноста и лошото водење на домаќинството.

Жената е надарена со сочувствување, деликатност и способност да поттикнува, да инспирира. Ова прави таа да стане, во извесна смисла, Христов пратеник со мисија да ги олеснува човечките страдања и Главна обврска на секоја жена е уредување и водење на домаќинството. Таа мора да биде дарежлива и со добро срце.

Жената до чиешто срце не допираат несреќите, која не ита да помогне кога тоа е во нејзина моќ, е лишена од еден од главните женски квалитети, кои ја прават основата на женската природа.

Вистинската жена го дели со сопругот товарот на неговите грижи. Што и да му се случи на мажот во текот на денот, кога ќе дојде дома, мора да дојде во атмосфера на љубов. Другите пријатели можат да го изневерат, но верноста на жената мора да биде постојана.

Кога настапува мрак и неприлики го опколуваат сопругот, верните очи на сопругата го гледаат како ѕвезди на надеж кои блескаат во темнината. Кога е потиштен, нејзината насмевка му помага повторно да најде сила, како што сончевиот зрак го подига наведнатиот цвет.

Пренесено од книгата „Света Тајна брак“ (Зборник на текстови)