Ако имате една чаша овесни снегулки, не пропуштајте да ги направите следните три рецепти кои можете да ги прочитате и постапката да ја погледнете во видеопрезентација. Се приготвуваат многу брзо и лесно, од само неколку состојки, а многу се заситни и здрави.
Не содржат шеќер, ниту млеко, ниту масни кремови, а сепак се многу вкусни и одлични за целокупното здравје на човекот. Секој треба да си ги прави и да ги јаде редовно за здрав стомак, редовна перилстатика и празнење на цревата, како и силни и здрави коски. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (колач куглоф): 220 г овесни снегулки, малку маслиново масло за премачкување на калапот, 2 големи јаболка, сок од 1 лимон, 2 јајца, малку екстракт од ванила, 1 банана, 80 г сува брусница, 80 г сечкани бадеми
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (сусамки-колачи): 2 банани, 1/2 лажичка екстракт од ванила, 1 чаша од 250 мл сусамово семе
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (палачинки): 1 чаша од 250 мл овесни снегулки, 1 банана, малку ванила за вкус и вода една чаша или по потреба
ПОСТАПКА за рецепт 1: сомелете ги овесните снегулки во брашно и сипете ги во еден подлабок сад. Потоа исчистете ги јаболката, исечете ги на помали парчиња, па и нив изблендирајте ги и додајте ги овесот.
Скршете две јајца и сипете неколку капки ванилин екстракт за вкус, па промешајте со лажица или кујнска шпатула за да се соединат состојките. Потоа, во кашестата смеса додајте ги ситно сечканите на ливчиња бадеми, сувата брусница и бананата исечена на плочки или месечинки.
Повторно промешајте додека сите состојки да се изедначат. Помал калап за куглоф или каков имате намастете го со малку маслиново масло, па во него распоредете ја целата смеса. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 40 минути. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: бананите испасирајте ги во пире, додајте ванилин екстракт и промешајте. Додајте го сусамот и повторно промешајте додека да добиете изедначена смеса. Плехот обложете го со хартија за печење, па црпете од смесата со лажица и ставајте директно врз хартијата.
Со помош на лажицата обликувајте ги колачите, но каков облик и да добијат, секако се вкусни и наменети се за закуска. Печете ги 20 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Следи постапката за третиот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 3: сомелете го овесот во брашно, додајте банана, малку екстракт од ванила и вода, па изблендирајте. Додавајте вода за да добиете фина, мазна смеса, малку погуста од онаа за класични палачинки.
Во тава за палачинки ставете едно лажиче кокосово масло да се растопи, премачкјате ја целата површина, па сипувајте од смесата и правете мали палачинчиња како што се американските на пример. печете ги по неколку минути од двете страни. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.