Овој вид на погача е една од најмеките и највоздушните. Испробајте го рецептот на Асена кој сигурно ќе ве восхити со резултатот. Ако досега не ви текнало во тестото да ставите малку кока-кола, пробајте и ќе се уверите какво чyдо прави. Јас не верував дека ќе успее, но откако се уверив, на сите им го препорачувам овој тpик.
Погачата излегува многу мека и вкусна. Виткањето е еден од најинтересните делови бидејќи сите ленти се испреплетуваат како во некоја бајка за на крај да се добие пајакова мрежа која изгледа многу декоративно. А кога ќе се испече, оваа погача мириса на најубавиот колач… Еве кои состојки ви се потребни за да ја направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4,5 чаши бело брашно (450 г), 330 мл кока-кола (1 лименка), 10 г квасец, 1,5 лажица шеќер, 1 жолчка од јајце, малку масло за премачкување (по избор), излупени бадеми на листови за наросување.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што ќе го замесувате тестото, најпрво просејте го брашното низ сито. Во брашното додајте 1,5 лажица шеќер и фино промешајте со шпатула. На средина направете мала вдлабнатина во која треба да го ставите квасецот и повторно да го соедините со останатите суви состојки.
Во друг сад прелијте со врела, штотуку зовриена вода и во неа ставете ја лименката со кока-кола за малку да се затопли. Кока-колата треба да биде потопла од собна температура, за да придонесе во процесот на ферментација на тестото. Извадете ја од фрижидер најмалку 1-2 часа пред да ја подготвувате погачата.
Во брашното и останатте состојки направете поголема вдлабнатина во која треба постепено да ја сипате кока-колата. Таа ќе почне помалку да запенува, за тоа е потребно да ја додавате на неколку наврати, да не ви претече од садот.
Веднаш измешајте ги состојките со шпатула, додека да се формира меко и соединето тесто. Кога ќе го формирате, тестото префрлете го на набрашнета рамна површина и месете го со превртување на надворешната страна кон навнатре додека да стане мазно, меко и нелепливо.
Тестото се премачкува со малку масло кое сте го ставиле на рацете и потоа се враќа во садот каде што првично го замесивте, се покрива со проѕирна фолија и се остава да стасува 1 до 1,5 час. За ова време, тестото ќе порасне двојно или тројно. Уште малку размесете го на рамна површина и поделете го на 4 еднакви делови.
Секој дел од тестото формирајте го во топче кое треба да го ставите покриено под фолија или памучна крпа за да не фати коричка. Работете едно по едно тесто. Секое тесто малку развлечете го со оклагија, најтенко што можете во елипсовиден облик и од подолгата страна (која сакате) завиткајте го во тенок ролат со дебелина од 1 – 1,5 прст. Формирајте 4 ленти на истиот начин.
Две ленти ставете ги паралелно една до друга, а останатите две ставете ги одозгора на средината, исто паралелно. Едната лента која е одозгора, се вметнува одоздола на една од долните ленти, а со втората се постапува истото, само од другата страна (погледни видео).
Лентите се испревруваат на начин кој е прикажан на видеото подолу, додека да се формира погача во форма на круг, испреплетена и многу декоративна на изглед. Секако, можете погачата да ја обликувате како што вие сакате.
Но, ако сакате ваков изглед, најдобро е процесот да го погледнете на видеото. Погачата се става во еден плех, обложен со хартија за печење и одозгора се покрива со крпа и се остава да стасува уште 45 минути до 1 час.
По изминатото време, погачата се премачкува со една жолчка од јајце и се наросува со сечкани излупени бадеми, на листови. Погачата се пече во претходно загреана рерна на 160 степени, околу 45-50 минути, додека фино да се испече однатре и одозгора да фати крцкава коричка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.