Вкусно безглутенско јадење кое е готово за 5 минути. Излегуваат многу палачинки, а доколку ви остане од смесата може да ја ставите во фрижидер и да ја искористите некој друг ден. Може да ги подготвувате за појадок, ужина или вечера.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 330 г бело безглутенско брашно, прстофат сол или 10 г, 1 јајце, 750 мл вода. За филот: јајце, моцарела или некој друг рендан кашкавал, шунка, кулен, врат или некое друго сувомеснато.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 330 г бело безглутенско брашно. Додајте прстофат сол во него и потоа ставете 1 јајце. Смесата добро измешајте ја со жица-маталка додека да се раз-бијат сите грутчиња во неа.




Кога ќе се направи фина, течна еднолична смеса додајте 750 мл вода на собна температура, ни премногу ладна, ни премногу топла. Добро измешајте ги сите состојки додека да добиете мазна соединета смеса.




Во едно нелепливо тавче или специјално за печење на палачинки ставете го на рингла на средна кон висока температура добро да се загрее. Кога ќе се загрее тргнете го од оган и со намастена салфетка со малку масло премачкајте ја површината и повторно вратете го на рингла.




Сега ринглата можете да ја вклучите на посилен оган и со неполна кутлача да ставите од течната смеса во тавчето. Добро извртете го тавчето на сите страни за да се разлее подеднакво смесата и печете по 1-2 минути од страна додека да фати коричка.




Потоа превртете ја палачинката на другата страна и печете уште 1 минута. На печената страна од палачинката која прва се печеше на тавчето ставете и на средина малку рендан кашкавал и 1 јајце. Потоа ставете од страните ситно сечкано сувомеснато и прекрстете ги страните кон средина.




Покријте ја палачинката со капак за да се зготви јајцето. За секоја палачинка ќе ви треба по 1 јајце и по малку рендан кашкавал и сувомеснато. Потоа вака подготвената палачинка која се готвела уште 1-2 минути под капак послужете ја топла во чинија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.