По барање на нашите читатели, во продолжение може да прочитате уште неколку рецепти за старински колачи со џем. Овие колачи се едни од најбараните, особено кога станува збор за престојните слави. На трпезата први се изедуваат, едно од фаворитните…




Првиот рецепт е за орасници кои на средина се полнети со џем, вториот рецепт е за крешенти, кои многу слично се подготвуваат како и првиот рецепт, само што на средината се полнат со фил и третиот рецепт е за чоколадни бомбици.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): ¾ шолја шеќер, 1 лажичка сол, ¾ шолја путер, омекнат, 1 цело јајце, 1 жолчка од јајце, ½ лажичка екстракт од ванила, ½ лажичка екстракт од бадем, 2 шолји брашно, 2 белки, 1 ½ шолја ситно сечкани ореви, ½ – 1 шолја џем по ваш избор.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 350 г меко брашно, 150 г кристален шеќер, 1 ванилин шеќер, кора од еден лимон (користив портокал бидејќи немав лимон и ми излезе супер), 200 г маргарин, 2 жолчки, 1 цело јајце, 2 лажици рум (ако го немате или не сакате да го додадете, можете да го замените со млеко).

Вториот дел каде се потопуваат топчињата: 2 белки, 150 г мелени ореви (во мојот случај блендирани). Спојување со глазура: 100 г чоколадо, 2 лажици масло или можете да ги полните со џем (оригинално).




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Шеќерот и путерот изматете ги во еднолична смеса со миксер, постепено зголемувајќи ја неговата брзина. Додајте ја солта, 1 цело јајце, жолчката, ванилата и екстрактот од бадем. Мешајте додека целосно да се соедини смесата и да стане компактна.




На мала брзина, додека непрекинато матите со миксерот, постепено додавајте брашно додека да се соедини. Кога ќе се формира тесто, преминете на месење со раце. Развлечете го тестото во топчиња од 2 см. Белките изматете ги во сад додека да станат пенести. Во посебен сад ставете ги оревите. Потопете ги топчињата од тестото во белките и потоа валкајте ги во сечканите ореви.




Ставете ги на хартија за колачиња на растојание од неколку сантиметри и притиснете длабок отпечаток од палецот во секое колаче (сметам дека и дното на дрвената лажица работи добро за ова). Колачињата се печат на 180 степени 10-12 минути или додека дното да порумени.




Откако ќе ги извадите од рерната, со задниот дел на една дрвена лажица притиснете го централниот дел надолу ако се кренат нагоре при печењето. Ставете џем со лажица во центарот додека колачињата се сè уште топли. Оставете да се изладат, па послужете.




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Маргаринот мора да омекне, на собна температура за убаво да се измеша. Додајте ги сите состојки од првиот дел…брашно, шеќер, ванилин шеќер, кора од еден лимон, јајца, жолчки и додадов млеко бидејќи моите деца не го сакаат мирисот на рум.




Замесете тесто. Отпрвин тестото излегува суво, но полека додека месите ќе се ослободи маргаринот и убаво ќе се формира. Вадете мали парчиња и превртувајте ги меѓу дланките во топка малку поголема од големината на лешник.

Во еден помал сад изматете ги двете белки, а во другиот ставете ги мелените ореви. Топчињата валкајте ги прво во белките, па потоа во оревите, како во првиот рецепт. Доколку оревите се малку лепливи за вашите прсти, затоа најдобро би било со лажица да ги намачкате топчиња во оревите, а потоа да ги виткате малку со рака. Додека го правите ова, рерната се загрева на 180 степени.

Ставете ги топчињата во подмачкан плех и печете ги 20 минути. Додека се пече првата тура, подгответе ја втората тура. Од ова мерење добив речиси две полни тави со топчиња од рерна.

Кога ќе се испечат топчињата, изладете ги. Растопете го чоколадото со масло на тивок оган, малку изладете, па поврзете две хемисфери (полутопчиња) со чоколадната глазура или со џем и наредете ги во чинија. Колачињата можат да се јадат веднаш.

ТРЕТ РЕЦЕПТ – ЧОКОЛАДНИ ТОПЧИЊА. Потребни состојки: 2 кесички пудинг со вкус на чоколадо, 2 супени лажици рум, 2 супени лажици вода, 50 г шеќер во прав, 50 г путер или маргарин и за валкање на топчињата кокос, мелен лешник, мелени ореви или нешто друго по ваш вкус.

ПОСТАПКА: Со жица изматете шеќер во прав со жолчка, рум и вода. Оваа смеса сварете ја на пареа, па кога ќе забежите трага во садот при мешањето значи дека е готово. Веднаш додека е врело додајте го путерот и пудингот во прав (значи не треба да се вари пудингот посебно). Добро промешајте со маталка, смесата е доста леплива, но така треба.

Оставете во фрижидер околу час и половина, па потоа обликувајте ги топчињата, а на средината може да ги полните со џем. Многу лесно се обликуваат, ќе видите, нема никаков проблем. Потоа можете да ги валкате во кокос, мелени лешници или билошто по ваш вкус. Од оваа смеса излегуваат 20-тина топчиња, што значи следниот пат сигурно ќе ги правите во двојна доза зошто се превкусни! / Coolinarika.com