Многу едноставен колач кој може да се приготви дома со само неколку состојки кои веќе ги имате. Колачот е многу вкусен и мириса неодоливо, а јаболката го прават толку сочен, кремаст, нежен, со специфична овошна нота.
Според оригиналниот рецепт колачот излегува доста сладок, па доколку користите слатки, а не кисели јаболка, тогаш засладете го по вкус. Еве што сè е потребно за помал калап за торти со пречник од 20 см:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 75 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 1/2 лажичка прашок за печиво, 150 г брашно, 100 г растопен путер, 3 јаболка, 2-4 лажици шеќер (по вкус), шеќер во прав за наросување одозгора
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата и пенасто изматете ги со миксер. Потоа постепено (или одеднаш) додајте го шеќерот и продолжете со матење додека тој да растопи и да добиете густа светла смеса.
Пред крајот додајте и ванилин шеќер. На страна во посебен сад просејте го брашното (150 г) и промешајте го со половина лажичка прашок за печиво.
Во изматените јајца постепено додајте го брашното со прашокот за печиво и продолжете со матење додека да добиете убава кремаста и мазна смеса без грутчиња.
На крај во смесата додајте 100 г растопен и подизладен путер. Изматете уште една минута за да се инкорпорира во тестото. Добиената смеса тргнете ја на страна додека да ги приготвите јаболката.
Јаболката измијте ги, излупете ги и исчистете ги од семките и дршките. Исечкајте ги на многу ситни коцкички. Калапот за торти обложете го со хартија за печење, а потоа намастете го на дното и ѕидовите.
Сечканите јаболка распоредете ги на дното, а одозгора наросете ги со две, три или четири супени лажици шеќер, во зависност од тоа колку сакате да биде сладок колачот. Промешајте.
Преку јаболката рамномерно излејте ја претходно приготвената смеса. Распоредете и израмнете, па малку потчукнете го калапот и протресете го за да се пополнат празнините помеѓу јаболката.
Колачот ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30-45 минути (секоја рерна различно пече, па најдобро е да проверите со чепкалка).
Печениот колач извадете го рерна, отстранете му го обрачот и превртете го на десертна чинија. Одозгора наросете го со шеќер во прав и да го послужите. деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.