Иако хроничниот запек може да биде последица од болест (органски оштетувања), во повеќе од 90% од случаите е само функционално пореметување. Тоа значи дека со нормална дигестија и здрави црева постои само отежнато празнење на дебелото црево, поради пореметување во работата на нервите (автоимуниот нервен систем), кои се одговорни за редовното празнење на цревата.
Веројатно голем број од пациентите ќе се најдат навредени и ќе се посомневаат во добронамерноста и знаењето на лекарот, доколку тој им каже дека тегобите кои ги имаат се последица на начинот на кој биле одгледани како деца, како и начинот на кој тие денес живеат.
Детето до својата втора година од животот ја врши нуждата рефлексно, односно неволево. Кога во задниот дел од цревата ќе се насобере доволно содржина за да предизвика рефлекс за празнење, детето несвесно ја врши нуждата.
Сите таквото “празнење во пелена” го сметаме за нормална појава. Но, детето расте и постепено се учи, се одгледува како оваа потреба да ја контролира и да го гуши својот вроден рефлекс на празнење. Зошто?
Човекот е социјално суштество и мора да се покорува на нормите кои му ги наметнува општеството.
Што најмногу предизвикува хроничен запек?
Во примитивните заедници човекот, исто како децата си ја обавува нуждата штом за тоа почувствува потреба, често без разлика на времето и местото.
За разлика од нив, цивилизираниот човек ја извршува својата потреба само во околности кои општеството ги прифаќа.
Затоа детето постепено научува со своја волја да го контролира тој акт за да биде во склад со сфаќањата, културните пригоди и обичаите на средината.
Волева контрола за празнење на цревата се постигнува со притискање на кружниот мускул кој се наоѓа на завршниот дел од дебелото црево и функционира под контрола на човековата волја.
Додека акутниот запек се јавува подеднакво, хроничниот запек е многу почесто кај жените. Тоа е разбирливо, бидејќи нејзините социјални обзири и чувство на срам се многу поголеми отколку на мажите.
Во некои средини актот на “голема нужда” сè уште се смета за срамен чин. Но и условите на животот на модерниот човек, занимањето, патувањата, често го присилуваат свесно и несвесно да ја одложува потребата и со тоа се одвикнува од редовниот природен ритам на празнење.
Долготрајниот, со години потиснуваниот рефлекс за празнење до толку слабее, што нормалните стимуланси повеќе не се доволни.
Доаѓа до насобирање на изметот од неколку денови по ред. Чувството за потреба од празнење се јавува дури тогаш кога количината на екскрементот во цревата ќе биде толку голема, што го надминува новиот “праг на издржливост”, т.е. кога дебелото црево премногу ќе се растегне.
Ваквиот ослабен рефлекс е најчестиот причинител за нередовно празнење, што на крајот предизвикува тежок хроничен запек.
Симптоми на хронична опстипација (запек)
Лицата кои патат од овој вид на запек имаат столица на секои 5 до 8 денови, а често и подолго. Но, и покрај ретките столици обично немаат други тегоби. Понекогаш може да се јави главоболка, мачнина, губиток на апетит, напнатост во предниот дел од стомакот, па дури и “срцеви тегоби”, но тие пречки веднаш престануваат кога ќе се изврши празнењето.
Посилни болки нема, често тоа се тапи болки во ‘рбетот и чувство на притисок во долниот дел на стомакот и карлицата, грчевити болки во стомакот се јавуваат ретко.
Многу тврдата столица може да ја повреди слузокожата на дебелото црево, па на тоа место да се појават воспаленија. На воспаление треба да се помисли и кога низ отворот (анус) излегува течна, слузава и смрдлива содржина, а тврдата столица и натаму останува во цревата.
Ако таквото лице има и хемороиди, тврдата столица би можела да ги повреди и да предизвика крвавење. Празнењето на тврдата столица е проследено со силни болки, а потоа поради болките се задржува столицата (од страв да не се влоши состојбата).
Тврдата столица може целосно да го затвори излезот од дебелото црево, па во таа состојба не е возможно спонтано празнење, па лекарот користи омекнувачи и со помош на прстите постепено бади парчиња од стврднат измет.
Пациентите кои патат од хроничен запек се доведуваат во опасност поради претерана употреба на средства за чистење (лаксативи, пургативи). За да добијат столица во периодот кој тие сакаат, тие земаат сè поголеми дози и посегнуваат по сè посилни средства.
Тогаш се јавуваат тегоби кои веќе не се последица на запекот, туку од долготрајната употреба на овие средства. Сите средства за празнење делуваат противприродно бидејќи насилно ги поттикнуваат цревата.
Како се лекува хроничен запек на природен начин?
Лицата кои со години имаат хроничен запек можат да постигнат задоволително празнење на цревата без хемиски средства за чистење. Наместо лаксативи, повторно треба да се зајакне ослабениот рефлукс за празнење. Како тоа да се постигне?
Потребно е да се јаде храна која е богата со влакна, кои со својот волумен и количина ќе ги поттикнат цревата. Тоа е всушност храна која содржи многу целулоза, а најмногу се наоѓа во овошјето и зеленчукот и тоа повеќе во суровото отколку во готвеното.
Млекото, месото, сирењето, јајцата и останата храна богата со белковини дава многу малку влакна и не се препорачува како единствен вид на исхрана, особено кај луѓе кои патат од хроничен запек.
Ако имате ваков проблем, тогаш јадете многу зелје, блитва, спанаќ, кељ, морков, суви сливи.
Исто така, поттикнувачки делуваат и овошните сокови (природни), медот, кафето. Многумина сами си го наоѓаат најдобриот начин за редовна столица. Некои навечер пијат чаша минерална вода, други наутро јадат грозје, сливи или некое друго овошје.
Наутро правото кафе (кај пушачите првата цигара) предизвикуваат поттик за празнење.
Необично е важно редовната физичка активност. Физичката работа, движењето, гимнастичките вежби – влијаат врз нормалната работа на цревата.
Познато е дека хроничниот запек повеќе ги погодува луѓето кои поради својата работа повеќе часови минуваат седејќи. Помагаат и секојдневните прошетки ако траат барем два часа дневно, а ефектот ќе биде многу поголем доколку се искомбинираат со теловежби во кои се изведува наклон на трупот кон колената.
Покрај тоа треба да се пие многу вода и да се воведе редовно празнење на цревата во одредено време. Најдобро е тоа да се прави наутро, кога рефлексот од желудникот најмногу го провоцира дебелото црево.
РЕЦЕПТ ЗА ЛАКСАТИВЕН ЏЕМ
Потребни состојки:
150 г урми (1 шолја)
150 г суви сливи (1 шолја)
1,5 шолја превриена вода
Постапка:
Исечете ги урмите и сливите на помали парчиња. Ставете ги во зовриената вода и варете додека да згусне. Од смесата јадете по потреба по неколку лажици, а после половина час испијте поголема количина вода.