Ова е трационален турски рецепт кој се задржал на нашите простори и до денеска е сè уште омилен десерт. Се приготвува од три основни состојки, јајца, млеко и шеќер, но во зависност од регионот, нивниот сооднос може да варира.

Обично, на 1 литар млеко се ставаат 8-9 јајца, во зависност од нивната големина, а колку јајца, толку лажици шеќер, што исто така може да варира според вкусот. Познат е под имињата: млечник, кајмачина, кајмакчин…

Најпрво со миксер се матат јајцата со шеќерот додека тој се растопи, а во минатото ова се правело рачно и траело подолго.

Денес постапката за приготвување е многу побрза, сè е спремно за 5-6 минути и потоа се излева и се пече. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

13 јајца
14 супени лажици шеќер
1,5 литар млако млеко

ПОСТАПКА:

Во подлабок сад скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и со миксерот матете 5-6 минути или колку што е потребно за смесата да згусне, да го зголеми волуменот, а шеќерот да се растопи.

Потоа, додека непрекинато матите додајте го млакото млеко во тенок млаз. Соединете и смесата е спремна.

Излејте ја во калап со средна големина и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 250 степени и веднаш намалете на 200 степени, па печете приближно половина час.

ВАЖНО: Млечникот не смее да ви зоврие, па доколку немате искуство и не сакате да ви подгори на површината, тогаш најдобро е печењето да го прилагодите според вашата рерна или на следниот начин:

Загрејте ја рерната на 100 степени и ставете го млечникот да се пече на оваа температура додека да се загрее смесата, а потоа намалете на 50 степени и продолжете го печењето.

Повремено проверувајте со прстот така што ќе ја допрете површината, па доколку згуснало како пудинг, тогаш е готово. Извадете и оставете да се олади на собна температура покриено со влажна крпа за да не фати тврда коричка.

Пред да ја испечете, за помазна конзистентност можете смесата да ја процедите низ цедалка. Исто така, можете да ја сипете и во помали огноотпорни садови и сите одеднаш да ги печете во рерна, како во ОВОЈ рецепт.

Оставете добро да се олади, па сладете се во вкусниот десерт. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.