Мајка на Пресвета Богородица. Денес се празнува нејзиното успение, но нејзиниот главен празник е на 9 септември, под кој датум се напишани и службата и житието.
Ана беше од коленото Левиево, ќерка на Матан свештеникот. По долг и богоугоден живот се упокои во длабока старост
Праведната Ана била ќерка на Матан, и по татко била од коленото Левиево, а по мајка – од коленото Јудино.
Сопрузите, Јоаким и Ана, живееле во Назарет Галилејски. Тие немале деца до длабока старост и сиот свој живот жалеле за тоа.
Тие морале да поднесуваат презир и потсмевања, затоа што во тоа време бездетноста се сметала за срам.
Но, тие никогаш не роптале и само топло Му се молеле на Бога, смирено надевајќи се на Неговата волја.
Еднаш, за време на еден голем празник, даровите кои праведниот Јоаким ги донел во Ерусалим за да Му се принесат на Бога, не биле примени од свештеникот Рувим, кој сметал, дека бездетниот маж не е достоен да Му принесува жртва на Бога.
Тоа го растажило старецот, и тој, сметајќи се за најгрешен од луѓето, решил да не се враќа дома, туку да се всели на пусто место и да живее во осамеништво.
Неговата праведна сопруга Ана, дознавајќи на какво понижување бил изложен нејзиниот маж, почнала во пост и молитва, со солзи да Го моли Бога за да ѝ подари дете.
Во пустинското осамеништво и испосништво, за истото Го молел Бога и праведниот Јоаким.
И молитвата на светите сопрузи била услишана: на обајцата, Архангел Гаврил им соопштил, дека ќе им се роди Ќерка, Која ќе ја благословува сиот род човечки.
По наредба на Небесниот Гласник, праведните Јоаким и Ана се сретнале во Ерусалим, каде по ветувањето Божјо, им се родила Ќерка, наречена Марија.
Света Ана починала на 70 години, две години после воведувањето во храмот на Пресвета Богородица.