Ако сакате за ручек да подготвите нешто навистина многу вкусно а едноставно, тогаш не пропуштајте го овој турски рецепт.
Ќебапите се приготвуваат со мелено пилешко месо кое се зачинува со интересни зачини кои сите ги имаме во кујна, но досега не сме ги искомбинирале на овој начин.
Покрај ќебапите не пропуштајте да го приготвите и превкусниот доматен сос кој совршено одговара со овој тип на ќебапи. Ова е навистина вистинско гурманско јадење, а гостите и вашите најмили ќе бидат воодушевени. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за ќебапи: 1 кг мелено бело месо, 1 главица кромид, 1 пиперка, 1 китка магдонос, 7 чешниња лук, 25 г лебни трошки (презла), 1 мала лажичка слатка црвена пиперка во прав, 1 лажичка буковец (крупно мелена), 1 лажичка мелен ким
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за доматен сос: 1 главица кромид, 1 голема пиперка, 5 чешниња лук, 200 г домати, 1 лута пиперка (опционо, по желба), 1 супена лажица доматно пире, 1 чаша вода (по потреба), 1/4 чаша оцет за јадење
ПОСТАПКА: Сомелете го месото и ставете го во подлабок сад. Кромидот исчистете го и исечкајте го најситно што можете. Исто така, црвената пиперка исечкјате ја најситно и додајте во месото. Потоа додајте го магдоносот и мелениот лук.
Во мешавината додајте ги лебните трошки, посолете, запиперете, додајте ги сите планирани зачини и замесете ја смесата со рака додека сето да се поврзи во хомогена, еднолична смеса. Месете ја приближно пет минути.
Потоа натопете ги рацете во ладна вода и обликувајте ќи ќебапите, најдобро на стапче за ражен или ако имате специјална модла за тоа.
Наредете ги врз тацна обложена со кеса или стреч фолија и оставете ги да отстојат во фрижидер додека го приготвувате сосот, најмалку половина час.
ЗА СОС: потребниот зеленчук измијте го и исчистете го, но нема потреба многу ситно да го сечкате како за мешавината со месото. Во широка тава или тенџере загрејте малку масло, па додајте крупно сечен црвен кромид, пиперка и домати, како и цели чешниња лук.
По желба додајте и лута пиперка, како и една полна супена лажица доматно пире/паста. Посолете, добро промешајте и динстајте на висока температура 5 минути, колку да се запржи зеленчукот.
Потоа залијте 100 мл вода, промешајте, поклопете и гответе на умерена температура уште 20 минути.
Пред крајот додајте го оцетот, промешајте и гответе уште неколку минути. Со рачен блендер изблендирајте ја смесата додека да добиете фин, мазен, кремаст сос, пробајте, па зачинете уште малку ако има потреба.
На ред се ќебапите. Извадете ги од фрижидер, а во широка (најдобро ако е грил) тава ставете малку масло да се загрева на умерена температура.
Пржете ги ќебапите по неколку минути од сите страни додека убаво да зарменат. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.