Ова е традиционален турски колач со мак/афион за кој постојат различни верзии, а оваа е без брашно, за сите љубители на семето од афионот. Ако пченичниот гриз го замените за пченкарен гриз-палента, тогаш ќе добиете колач без глутен (за сите оние кои се интолерантни). Сите останати можат да користат гриз каков имаат.
Колачот се послужува со шолја кафе или турки чај. Колачот одозгора се покрива со крем од шлаг и кремасто сирење со милерам, но може и да се изостави. Во кремот не е потребно да се додава шеќер, бидејќи колачот е сладок поради сирупот. Добро изладен е многу освежителен. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за сируп): 1 чаша шеќер (чаша од 250 мл), 1 чаша вода, малку лимонов сок. ЗА БИСКВИТ: 4 јајца, 1 чаша шеќер (200 г), 1 чаша гриз (200 г), 1 чаша мак/афион (170 г), 1 чаша масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 прстофат сол. ЗА КРЕМ: 250 г кремасто сирење (филаделфија, маскарпоне, абц…), 200 г кисела павлака 20% мм или милерам, 200 мл изматен шлаг
ПОСТАПКА: Најпрво сварете го шеќерниот ситуп за да има време да се олади. Во едно тенџере ставете ја водата заедно со шеќерот, па ставете на оган да се загрее. Откако ќе зоврие варете 2-3 минути и додајте неколку капки лимонов сок. Потоа тргнете го сирупот на страна и оставете да се олади.
ЗА БИСКВИТОТ пригответе длабок сад за матење и миксер. Може да користите некоја шолја за чај или чаша за мерење на состојките, но долколку повеќе сакате да вагате, ви ги напишав состојките и во грамови. Најпрво изматете ги пенасто јајцата со постепено додавање на шеќерот и малку сол.
Кога добро ќе ги изматите јајцата, во смесата додајте една шолја гриз и една шолја мак/афион. Промешајте и на крај додајте една шолја масло. Сето добро изматете го со миксер додека сите состојки да се изедначат во хомогена смеса.
Пригответе го калапот и обложете го со хартија за печење. Јас користев калап за торти со пречник од 26 см. Може да користите и некоја друга, помала тепсија или некој плех со средна или помала големина, па колачот да го сечете на коцки. Излејте ја смесата во калапот и малку протресете го.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 40 минути. Печениот бисквит извадете го од рерна, избоцкајте го со чепкалка и прелијте го со претходно приготвениот и изладен сируп. Значи, топол колач, а ладен сируп.
Додека се лади колачот, во посебен сад изматете го шлагот, а потоа во друг сад помешајте го крем сирењето со милерамот, па во неколку наврати полека додајте го шлагот и соедините во една изедначена смеса.
Врз колачот рамномерно распоредете го приготвениот бел крем од сирење и шлаг. Оставете го колачот во фрижидер да се олади, а кремот да се стегне. Изладениот колач исечете го по желба. Мојата торта не беше сè уште изладена кога ја исековме, но сепка беше одлична. Подоцна кремот многу убаво се стегна и уште подобро се сечеа парчињата. Рецепт на Сена / Сооlinarika.com