Потребни состојки: 2 кг домати (може зелени, розови или црвени), 2 кг пиперки, 2 кг карфиол, 2 кг моркови, 2 кг краставици. За солило: сол – малку повеќе отколку по вкус, вода – колку може да собере во полн сад со зеленчук

Постапка: зеленчукот убаво измијте го. Пиперките со нож малку засечете ги на самиот врв. Доматите избоцкајте ги на 2-3 места. Краевите на краставиците исечете ги. Карфиолот поделете го на крупни цветчиња. Морковот излупете го и краевите малку засечете ги.

Во еден сад ставете најлон кеса, така што краевите малку да излегуваат од садот. Редете го зеленчукот: ред краставици, моркови, пиперки, домати и карфиол. Повторете го редењето додека да ги потрошите состојките.

Садот наполнете го со вода. Потоа водата истурете ја во друг сад и додадете морска сол така што солилото да биде малку посолено од вообичаено. Добро промешајте за солта да се растопи. Не е неопходно солилото да се вари. Солилото се враќа во садот со зеленчукот. При киселењето зеленчукот ќе ја прими вишкот солта. Се остава на ладно за да се кисели.

Напомена: Со врзување на најлон кесата зеленчукот останува под солилото, па така не се создава бела површина над зеленчукот. Кога туршијата ќе се закисели и ќе почнете да ја трошите, така треба да го спуштате подолу нивото на врзување на кесата.

По потреба и желба количината на состојките можете да ја зголемите. Еве го и вториот рецепт на нашата драга членка Снежана Јанкуловска:

Вкусна туршија за зимница, полна со витамини и минерали. Уште малку и ќе завршиме со зимниците, кој не си направил нека побрза и нека си направи. Овој рецепт го објави нашата драга читателка Снежана Јанкуловска во групата НМД рецепти, па повелете, искоментирајте и додајте ваши сугестии.

Изборот на зеленчукот е одличен, сите намирници изобилуваат со корисни витамини и минерали, а на овој начин тие се задржуваат во теглата. Туршијата е позната македонска зимница и сите уживаат во неа. За жал, поради присуството на сол, треба да внимаваат единствено лицата што имаат покачен кр-вен притисок.

За сите останати, сладете се во својот омилен зеленчук од туршијата, за некого тоа е карфиолот, за друг пиперките, за трет боранијата, за четврт корнишоните, доматите, морковите…Фотографија и рецепт на Снежана Јанкуловска.

туршија / Снежана Јанкуловска

Потребни состојки за солило на 25 кг зеленчук: 10 литри вода, 2 литри бел оцет 9% (или есенција 250 мл), 250 г сол, 300 г шеќер, 1 винобран, 1 конзерванс, 2 кесички црн пипер во зрно, 1 китка целер, 1 китка магдонос, ½ кесичка ловоров лист. 25 кг зеленчук: 5 кг морков, 5 кг карфиол, 5 кг корнишони покрупни, 5 кг зелен домат и 5 кг зелени везени благи пиперки

Постапка: прво зеленчукот измијте го убаво. Карфиолот исечете го на помали цветчиња. Може да го ставите во вода со сол малку да покисне, па потоа убаво да го исплакнете. Исто така, убаво измијте ги морковите, доматите, пиперките и корнишоните, па доколку сакате исечете ги на помали парчиња.

туршија / Снежана Јанкуловска

Од вкупната вода одземете малку, околу 2 литри и ставете ги во тенџере на оган со солта додека да се растопи. Ова се прави ако користите крупна морска сол. Потоа оставете ја да излади и вратете ја во остатокот од водата. Ако користите ситна сол, нема потреба од овој чекор.

Додајте шеќер и останатите состојки: винобран, конзерванс и есенција или оцет, па убаво промешајте додека тие да се растворат и убаво измешаат.

Потоа во бурето или теглите започнете да го редите зеленчукот, убаво наредете да има подеднаква застапеност, рамномерно, па прелијте со солилото. Ако имате, ставете пластична мрежа одозгора за да се потисне зеленчукот. Убаво затворете и оставете во темна и ладна просторија да отстои барем 10-тина дена. / Снежана Јанкуловска

туршија / Снежана Јанкуловска