Обично наесен кога заладува времето и сè помалку има сочневи денови, на стебленцата остануваат зелени домати кои не успеваат да созреат и да ја постигнат црвената боја. Овие зелени домати може да се остават постепено да зреат во текот на зимата под специјални услови, но од нив може да се приготви и многу вкусна зимница-салата.




Салатата приготвена според овој рецепт излегува многу вкусна, сочна и крцкава истовремено, а без конзерванси и без варење на теглите за пастеризација. Ова е најлесниот, наједноставниот и најбрзиот рецепт за подготовка на „туршија од зелени домати“. Ќе ви откриеме сите тајни постапки за успешна зимница, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг зелени домати, црн пипер во зрно и сечкано лукче по желба. За тегла од 1 литар се става: 1 мала лажичка шеќер, 2 мали лажички сол, 3 супени лажици бел оцет за јадење 9% и врела вода за дополнување.




ПОСТАПКА: Доматите е потребно убаво да се измијат под млаз ладна вода и од нив да се отстранат сите темни дамки и нечистотија. Секоја пропуштена дамка може да предизвика предвремено расипување на зимницата.




Исчистените домати исечете ги на тркалца, коцки или парчиња според тоа како сакате да ви изгледа салатата. Во меѓувреме стерилизирајте ги теглите и капаците. Тие треба да бидат чисти и суви. По желба кој сака може да исчисти лук и ситно да го исечка на ливчиња или коцкички.




Во секоја тегла ставете еден прстофат зрна црн пипер и лук, па наполнете слој со зелени домати, ставете малку сечкан лук и продолжете да ја полните теглата на истиот начин до самиот врв. Доколку имате пластични мрежички поставете ги одозгора како потисок (не се неопходни).




Во секоја тегла ставете по една полна мала лажичка шеќер, две мали лажички сол и три лажици бел алкоxолен оцет 9% кој се користи за салати. Теглите ставете ги во некој широк и длабок сад обложен со кујнски крпи или ќебенце, па започнете да ги полните со врела вода.




Врелата вода мора да се додава постепено за да има време стаклото да се загрее и да не испyка од жешкото. Крпите се дополнителна изолација, но сепак, врелата вода е најдобро да се додава на два или три наврата.




Веднаш затворајте ги со чисти капаци и теглите превртувајте ги наопаку. Покријте ги дополнително со ќебенце и вака оставете ги да се оладат до следниот ден. После 15 дена туршијата е созреана и може да се јаде. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.