Асимптоматската бактериурија е состојба при која има присуството на бактерии во урината. Тоа е состојба во која уринската култура открива значителен пораст на патогени, кој е поголем од 100 000 бактерии / мл, но без симптоми на инфекција. Ова е вообичаено за време на бременоста.
Бактериуријата за време на бременоста може да се класифицира како асимптоматска бактериурија, инфекции на долниот уринарен тракт (цистит) или инфекции на горниот уринарен тракт (пиелонефритис).
Бременоста ја зголемува прогресијата од асимптоматска кон симптоматска бактериурија, што може да доведе до пиелонефритис, ризик од предвремено породување, ниска родилна тежина што резултира со повисоки стапки на смртност кај бебињата.
Најголемиот фактор на ризик за пиелонефритис е нетретирана асимптоматска бактериурија. На пример, во една студија кај дури 24,8% од бремените жени чија асимптоматска бактериурија не била третирана се развил пиелонефритис, во споредба со 3,2% од оние кои биле третирани. Е. Коли е одговорна за дури 80% од инфекциите на уринарниот тракт додела Klebsiella, Enterobacter и Протеус видовите како и ентерококи поретко предизвикуваат некомплициран цистит и пиелонефритис.
Сите бактериурии во бременоста треба да се третираат, а изборот на антимикробна заштита во бременоста треба да ја одразува безбедноста за мајката и за фетусот Според клиничката слика , периодот на бременоста и антибиограмот, се препорачуваат следните антибиотици, Ceftibuten, co-amoksicilin, nitrofurantion, amoksicilin, fosfomicin, со тоа што fosfomicin, може да се дава во тек на цела бременост.
Корисна природна помош за уринарните инфекции со E.Coli e и користење на препарати со Д-маноза и пробиотици (S.Boulardii). Препорачана доза на Д-Маноза е 2 гр. на ден да се испие со чаша вода,најмалку седум дена по ред.
Рутински скрининг за асимптоматска бактериурија се препорачува на почетокот на бременоста. Жените со бактериурија, потврдени со втората уринарна култура, треба да се третираат и да повтори тестот за уринокултура при секоја посета на гинеколог до породувањето.
Важно е да се напомене дека симптоматската уринарна инфекција може да се помеша со други чести симптоми на бременоста поради физиолошки промени. На пример, гадење поради зголемувањето на нивото на hCG и фреквенцијата на мокрење поради притисок врз мочниот меур и зголемениот волумен на телесните течности може да бидат нормални наоди за време на бременоста, но, исто така, би можеле да означат ИУТ.
Д-р Гордана Шалиевска специјалист гинеколог