„Целувка“ или „пуслица“ тортата порано била незаменлива на веселбите и празничните трпези. Тортата е многу вкусна, а во тоа помага крцкавата кора однадвор, и сочниот и лесен фил однатре. Иако можеби делува како оние торти чијашто подготовка трае долго, сепак не е така, бидејќи се прави само со една кора.
Кората може и да ја испечете претходната вечер, а следниот ден само да го подготвите филот, па да ви преостане филувањето и декорацијата по желба. Ви предлагаме два рецепти за торта со целуфки и ореви, омилените според читателите на НМД. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 10 белки, 250 г шеќер, 300 г мелени ореви. ЗА ФИЛОТ: 10 жолчки, 10 лажици шеќер, 1 пудинг од ванила, 6 лажици остро брашно, 1 литар млеко, 1 маргарин, 100 г шеќер во прав, 2 ванилин шеќери, 200 г суво грозје, 200 г сечкани ореви.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ (ВТОР РЕЦЕПТ): 10 жолчки, 700 мл млеко, 7 полни лажици меко брашно, 10 лажици шеќер, 200 г путер, 200 г црно чоколадо, 200 мл слатка павлака. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРИ: 10 белки, 400 г шеќер, 1 лажица оцет.
ПОСТАПКА ЗА КОРИТЕ (прв и втор рецепт): Во еден сад ставете ги белките кои треба да бидат на собна температура и започнете со миксање. Постепено додавајте го шеќерот и миксајте приближно 10-тина минути. Снегот од белки мора да биде цврст и шеќерот растопен.
Отако добро ќе ги изматите белките додајте една лажица оцет (за вториот рецепт, но може и во првиот), па матете уште некоја минута. Оцетот помага за белките подобро да се стегнат, а во текот на печењето испарува. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење.
Смесата од белки распоредете и израмнете. Ставете го плехот во рерна и печете 15-20 минути, во зависност од рерната. Ако оцените дека е потребно, печете уште некоја минута подолго. Сушените кори извадете ги од рерна и оставете ги да изладат во плехот. Внимателно извадете ги и поделете на два дела.
ПОСТАПКА ЗА ФИЛОТ (ПРВ РЕЦЕПТ): Жолчките се матат со шеќерот, па се додаваат пудингот и брашното, па постепено се става млекото со постојано мешање да не се формираат грутчиња. Оставете го кремот да се зготви во тенџере на тивок оган, мешајќи додека да се згусне. Сварениот крем оставете го да се излади.
Пенестиот маргарин се мати со шеќерот во прав, се додава речиси изладениот крем, ванилиниот шеќер и се матат додека масата да стане воздушна. На крајот додајте суво грозје и сечкани ореви и филувајте ги корите. Украсете со шлаг или рендано чоколадо по желба.
ПОСТАПКА ЗА ФИЛОТ (ВТОР РЕЦЕПТ): Измешајте ги жолчките, шеќерот и брашното, па додајте малку ладно млеко, околу 200 мл. Остатокот од млекото ставете го на оган, а откако ќе зоврие намалете го огнот, додајте ја смесата со жолчки и мешајте постојано додека да згусне.
Сварениот фил прелијте го врз искршеното чоколадо и промешајте додека тоа да се растопи и соедини со филот. Прекријте со најлон фолија и оставете на страна да се олади.
Путерот на собна температура додајте го во целосно изладениот фил и заедно со миксер изматете ги за да се соединат во мазен крем. Ако додавате маргарин, тогаш прво него изматете го, па потоа во него додавајте го кремот.
Посебно изматете ја слатката павлака во цврст шлаг. Врз првата кора нанесете половина од чоколадниот фил, па половина од шлагот. Повторете ја постапката уште еднаш. Тортата декорирајте ја по желба и оставете ја добро да се излади пред послужување.
Деталите од целата постапка за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, за подготовка на кремот за вториот рецепт ОВДЕ, а за подготовка на кората за вториот рецепт ОВДЕ.