Едноставна, а многу вкусна торта… ќе се воодушеват сите што ќе ја пробаат. Кога го добив рецептот од мајка ми, бев скептична како ќе излезе, но тортата е навистина преубава. Излегува обилна и голема, па можете да ја правите и во половина мера.

Потребни состојки:

1,5 литар млеко
24 лажици шеќер
10 лажици густин
2 пудинзи од ванила
2 путер/маргарини
200 г шеќер во прав
300 г бисквити
2 големи пакувања Мини seven days
1 мало пакување Mini seven days
250 г еурокрем
100 г чоколадо за готвење
250 г шлаг
Негазиран сок за натопување на бисквитите

Постапка:

Во малку млеко измешајте го пудингот и густинот. Во вториот дел од млекото додадете шеќер и ставете да се вари. Кога ќе зоврие додадете го разматениот прашок за пудинг со густинот и мешајте додека да добиете густа смеса.

Оставете да излади, па додадете го добро измиксаниот путер и соединете ги во едноличен крем.

Готовиот фил поделете го на два дела. Во едниот дел ставете рендано чоколадо (наместо ренде можете и да го растопите, па ќе добиете чоколаден фил).
Бисквитите добро натопувајте ги во сок и редете ги врз тацна.

Врз бисквитите редете фил со рендано чоколадо. Преку филот наредете кроасани кои претходно добро сте го натопиле во сокот.

Врз кроасаните излејте го остатокот од филот. Еурокремот малку загрејте го за да стане течен и прелијте го преку тортата. Украсете со шлаг.