Белата рада е една од моите омилени торти, која со задоволство се јаде на секоја празнична трпеза. Порано, многу од моите пријателки ја порачуваа оваа торта за нивните свадби, но многу поголема, на три или четири спратови. Јас ќе ви ја претставам домашната верзија на оваа торта, а сѐ што ќе ви биде потребно е еден калап со флексибилен обрач, за директно во него да ја филувате тортата.




Тортата има кремаст вкус и се подготвува од само неколку состојки. Јас кога ја правам за некој специјален ден, ја подготвувам ден однапред, а после ја ставам во фрижидер, за добро да се стегне. Тогаш ми е многу повкусна и полесна за сечење, не се размачкува. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВАТА: 300 г мелени бисквити, 120 г путер. ЗА ФИЛОТ: 300 мл слатка павлака, 300 мл млеко, 130 г шеќер во прав, 15 г ванилин шеќер (1 кесичка), 80 г пудинг со вкус на ванила. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: какао или рендано чоколадо.




ПОСТАПКА: Бисквитите искршете ги на помали парчиња и сомелете ги во блендер, додека да добијат конзистентност на ситен песок, без поголеми остатоци. Јас обично користам чоколадни бисквити, но може да користите и обични, тортата е секако многу вкусна, само бојата на базата е различна.




Кога ќе ги сомелете бисквитите, префрлете ги во еден подлабок сад, па настрана растопете го путерот на пареа или во микровална печка. Почекајте 1-2 минути да се олади, па прелијте го преку плазмата. Соединете ја смесата со шпатула или со раце (како ви е полесно), додека да добиете смеса со малку поцврста конзистентност, која се соединува меѓусебе.




Во калап со флексибилен обрач обложете со хартија за печење на дното, ставете го обрачот, па излејте ја смесата. Израмнете ја малку со лажица, додека подеднакво се распореди насекаде, па потоа земете една чаша и со дното на чашата, натапкајте ја смесата, додека да се израмни. Јас користам калап со пречник од 25 см, обично тоа е просечната големина на калапите.




Ставете го калапот во фрижидер, за основата да се стегне, околу 30-тина минути. Во меѓувреме подгответе ги состојките за филот. Во еден подлабок сад излејте ја слатката павлака, додајте го млекото, шеќерот во прав, ванилиниот шеќер и прашокот за пудинг од ванила. Започнете да ги миксате состојките додека да почнат да се соединуваат во цврст крем.




За да не ви се разлетаат сувите состојки, прво нежно измешајте ги во течните состојки, па потоа изматете со миксерот. Смесата се мати 5-7 минути, додека кремот да стане цврст и да не се разлева лесно. Извадете го калапот од фрижидер и филувајте ја тортата со шлагот и добро израмнете. Вратете ја тортата во фрижидер за да се стегне, минимум 1 час или преку цела вечер.




По изминатото време, декорирајте ја тортата. Ќе ви претставам еден интересен начин на декорирање. Со помош на едно ренде допирајте ги страните и површината на тортата така што кремот ќе се протнува низ отворите на рендето.

Кога ќе го тргнете, со брзо и кратко движење, ќе се направи брановидна декорација. Тортата одозгора може да ја наросите со какао или рендано чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.