На сите љубители на шербетните, сочни колачи, им го препорачувам овој стар традиционален колач за раванија. Во различни краишта можеби различно се нарекува, но она што е заедничко, е неодоливиот вкус на овој колач. Старински, најубав сочен колач…
За овој колач се потребни 10 јајца и се приготвува нешто слично на познатиот кох. Во видеото е прикажано дека јајцата се матат цели заедно со шеќерот, а во некои други рецепти прво се матат белките во цврст снег, а потоа постепено се додаваат жолчките, а сувите состојки се матат на послаба брзина или рачно со лажица.
Во тестата не се содржи прашок за печиво, а освен брашно се става и гриз, така што можеби и нема потреба од посебно матење на белки и жолчки, затоа што гризот не дозволува “растење” на кората.
Меѓутоа, кога ќе се испече и прелие со сируп кој потоа добро ќе се впие и најпосле се олади, овој колач е превкусен. Ако сте го јаделе кај вашите баби, сигурно ќе ве потсети во детството… И уште една напомена: сирупот додавајте го постепено, не го ставајте целиот одеднаш зошто можеби ќе нема потреба целата количина да ја ставите.
Потребни состојки за 1.тесто: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 2,5 лажици гриз, 2,5 лажици брашно, 70 г чоколадо рендано и 200 г мелени ореви. Потребни состојки за 2.тесто: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 2,5 лажици гриз и 2,5 лажици брашно. За шербет: 750 г шеќер, 800 мл вода и 1 лимон
Постапка: за првото тесто, добро изматете ги јајцата и шеќерот. Додавајте ги по ред сите останати состојки и измешајте ги додека да добиете изедначена хомогена смеса. Во намастен и набрашнет плех 22х37 излејте го тестото и печете на 200 степени 10-тина минути, колку само да се запече.
За тоа време изматете ги јајцата со шеќер за второто тесто, додадете брашно и гриз па соединете. Излејте врз полупеченото тесто и допечете го колачот. Сварете сируп од шеќер, вода и лимон исечен на тркалца (не долго, неколку минути). Со врел сируп прелијте го врелиот колач. Наросете одозгора со мелени ореви. Видео ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ Парен гриз колач (раванија) – стар рецепт, оди сè по 10, за сите љубители на шербетни колачи
На сите љубители на шербетните, сочни колачи, им го препорачувам овој стар традиционален колач за раванија. Во различни краишта можеби различно се нарекува, но она што е заедничко, е неодоливиот вкус на овој колач.
Потребни состојки: 10 јајца, 10 лажици шеќер, 10 лажици брашно, 10 лажици гриз, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер. За шербет: 800 мл вода, 800 г шеќер, ½ лимон исечен на тркалца, 1 ванилин шеќер
Постапка: јајцата, шеќерот и ванилин шеќерот изматете ги пенасто со миксер додека да се стопи шеќерот. Нема потреба да се одвојуваат белките од жолчките, овој рецепт навистина е едноставен.
Во друг сад измешајте го брашното со гризот и прашокот за печиво, па постепено додавајте го во смесата со јајца. Добиената смеса рамномерно распоредете ја во намастен и набрашнет плех (35 х 25 см) и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Печениот колач оставете го целосно да се олади, па потоа прелијте го со млак шербет (никако со врел), па оставете да отстои малку на собна температура, а потоа префрлете го во фрижидер. Највкусен е кога добро ќе се излади.
За шербет: Водата и шеќерот измешајте ги па ставете ги на оган да се варат 30 минути. Потоа додадете ванилин шеќер и исечен лимон. Оставете да излади, па кога ќе биде млак прелијте го преку ладниот колач. По желба украсете со парчиња лимон или кокос.