Оваа билка расте речиси во секој двор и досега имаме доста пишувано и објавувано за тегавецот. Расте самонико, во изобилство, но доколку имате градина можете да го одгледувате и наменски.
Се користи во свеж облик во текот на целиот топол период, но може и да се замрзне за да го имате и во текот на зимата. Постојат “машки” тенколистест и “женски” широколистест тегавец, но според лековитите својства се речиси идентични.
Листовите од женскиот тегавец може и да се јадат во вид на салати или за приготвување на варива. Тегавецот може да се користи и во облик на чај, но и како мевлем или облога. Од него се приготвува одличен сируп за искашлување, за смирување на воспалената слузокожа, смирување на кашлицата и бронхитисот.
Исто така, ја олеснува состојбата при астма, ларингитис, фарингитис и и различни алергиски реакции кои предизвикуваат проблеми со дишењето.
Поновите истражувања покажуваат дека екстракт од тегавец успешно лекува белодробни инфекции, со што се потврдуваат нејзините антивирални и антибактериски својства.
Покрај тоа, го поттикнува метаболизмот и го елиминира пролетниот умор, облажува симптоми на инфекции од уринарниот тракт, како и воспаление на мочниот меур и бубрезите.
Го регулира нивото на холестерол, а се покажала и како моќен сојузник во борбата против дијабетесот и синдром на нервозни црева.
За приготвување на чај се користат само листови кои претходно сте ги исушиле на провев. Постапка: Една супена лажица сув лист од тегавец се прелива со 250 мл врела вода и се остава да отстои 10 минути. Чајот е најдобро да се пие додека е топол.
Облога од тегавец: За смирување на последиците од убод на пчела, болни попуштени вени или друга повреда, направете топчиња од свеж лист на женски тегавец и зелена глина со малку вода. Добиената паста ќе овозможи да се ублажи иритацијата или проширените вени.
Инфекција на заби и непца: Се џвака свеж лист од тегавец и се става како облога на забот и непцето за да спречи инфекција во рана фаза.
Сируп од тегавец: Сирупот од тегавец им се препорачува на сите болни кои патат од белодробни болести, туберколоза, на лица со отежнато дишење, со кашлица и прекумерна слуз.
РЕЦЕПТ: На дното од стаклена тегла со широк отвор од 5 литри, ставете свежо набрани листови од тегавец, во висина од 2 до 3 цм и добро притиснете ги.
Врз нив истурете околу 1 цм темен шеќер, па уште еден слој листови од тегавец. По овој редослед продолжете да ја исполнувате теглата (ред тегавец, ред шеќер), до врвот.
Теглата оставете ја преку ноќ покриена, а следниот ден ќе забележите дека содржината е малку намалена. Ослободениот простор исполнете го повторно, а постапката повторувајте ја додека теглата да биде целосно исполнета.
Во вашата градина ископајте дупка, а теглата затворете ја со трослојна прегамент хартија или целофан и залијте ја со восок. Закопаната тегла покријте ја со даска и ставете одозгора некој потежок камен. Во висина на каменот, горниот дел од јамата проширете го и тука ставете поцврста даска. Конечно, остатокот од јамата затрупајте го со земја, а на површината означете го местото за подоцна полесно да го најдете.
Теглата оставете ја три месеци во земја, за да може под константна температура да се излачи сокот од тегавецот во вид на сируп. По истекот на овој период, теглата внимателно се вади од земја и целата содржина добро се процедува, а добиениот сируп еднаш се проварува.
Добиениот сируп се складира во стаклени шишиња и добро се затвора. Ова е најдобриот домашен сируп за белодробни болести.
Оние кои немаат градина, за да постигнат вриење за кое е потребна константна температура, теглата нека ја остават на некое топло место, најдобро во близина на печка. Колку топлината е порамномерна, толку и вриењето е поповолно. Ако процесот на вриење се прекине со ладење, тогаш сирупот е помалку лековит, а може и да се расипе.
Во случај на потреба: за деца – неколку пати дневно по чајна лажичка од сирупот, а за возрасни – супена.