Се приготвува во повеќе варијанти. Може да ставите и повеќе желатин, а односот на мајонез и кисела павлака може да го менувате. Излегува свечен солен ролат кој освен што е вкусен, многу е декоративен.
Потребни состојки: 200 г смрзнат грашок, 200 г морков, 350 г компир, 1 јаболко кисело + лимонов сок, 6 големи лажици мајонез, 3 големи лажици кисела павлака, 250 мл вода или супа од зеленчук, 1 кесичка желатин (7 г), 6 јајца, 1 црвена пиперка, 1 китка магдонос за декорација, сол, црн пипер
Постапка: Јајцата сварете ги 10 минути на потврдо, па ставете ги во ладна вода и оставете ги да се изладат, па потоа излупете ги. Морковите исечени на коцки, грашокот и компирот варете ги одвоено во вода во која сте додале малку сол, додека да омекнат.
Извадете ги со решеткаста лажица и оставете ги да изладат целосно. Водата сочувајте и оставете ја да се олади. Јаболкото излупете го, исечете го на коцки и прелијте го со сок од лимон за да не потемнува.
Изладениот зеленчук и јаболкото ставете ги во голем длабок сад. Мајонезот измешајте го со киселата павлака, додадете сол и црн пипер по вкус и прелијте преку зеленчукот, па добро промешајте.
Водата во која се вареше зеленчукот искористете ја за приготвување на желатинот кој ќе го приготвите според упатството. Растворете ги и оставете да набубри. Потоа растопете го на пареа или на тивко, па помешајте го со смесата од зеленчук.
Оставете да подизлади, па развлечете ја смесата во правоаголник (калап 28х13 см, длабок 6 см) врз фолија. калапот обложете го со проѕирната фолија, но така што краевите да висат надвор за подоцна да можете да го поклопите.
Најпрво во калапот распоредете слој од салатата приближно во висина од 1,5 см, па наредете ги варените јајца во средината и потоа со лажица внимателно нанесете го остатокот од смесата, пополнувајќи ги сите празнини.
Краевите од фолијата поклопете ги одозгора за да се затвори целосно салатата, па оставете ја салатата на ладење во фрижидер, најдобро преку цела ноќ за да се стегне убаво.
Изладената салата преврете ја врз соодветна чинија за сервирање, па декорирајте ја со варени јајца, сечкан зеленчук, свежи листови од магдонос и копар или нешто по ваш избор.