Славата е заштитник на домашното огниште и помошник во секоја работа, голем Божји благослов и заштитник на сите членови на домаќинството, особено на децата. Вообичаено е куќната слава да се пренесува од колено на колено, од татко на син, а ќерките ја преземаат славата од сопругот.

Врз основа на оваа долга традиција, лесно било да се заклучи кои семејства потекнуваат од ист предок. Ако слават иста слава, тогаш се од ист предок; но семејствата се иселувале со текот на времето и со раселувањето се одалечиле од своите предци и обичаи.

Ако синовите се венчаат и останат во татковата куќа, тогаш сите заедно продолжуваат да го слават истиот светец. Меѓутоа, ако еден син го основа своето семејство во друга куќа, тој треба да има своја слава во својот нов дом.

Денес младите сè помалку имаат куќни слави и само малкумина ги преземаат обврските околу подготовката на слава и продолжување на семејната традиција. Па затоа, поскоро тие одат да ја прослават славата кај своите родители, отколку во својот дом.

Ваквите куќни слави опстојуваат додека се живи нивните родители, а после тоа помладите обично повеќе не слават. Меѓутоа, има и доста што ја продолжуваат традицијата и татковата, куќна слава ја прославуваат во своите домови.

Како се презема славата од таткото?

Славата е заштитник на домашното огниште и помошник во секоја работа, голем Божји благослов и заштитник на сите членови на домаќинството, особено на децата. Затоа на сите млади кои основаат свои семејства им се советува да ја земат славата од својот татко или да си изберат свој светец кој ќе биде значаен заштитник на новото семејство.

Во првите години по основањето на сопственото семејство, синот доаѓа на славата од својот татко. Кога ќе се исече колачот, таткото му подава на синот четвртина од колачот, се бакнуваат, си ја честитаат славата.

Потоа таткото му посакува на синот да ја слави куќната слава со сопругата и децата долго време во здравје и бериќет. Синот носи дел од колачот дома, го дели со семејството, а следната година почнува редовно да го слави својот светец во својот нов дом.

Како можеме сами да ја избереме куќната слава ако ја немаме, или ако поради некоја причина не сакаме да ја славиме славата на нашите предци?

Луѓето кои немаат своја куќна слава, истата можат да ја прифатат на поинаков начин. Куќната слава се нарекува и крсна слава, односно крсно име. Ова веројатно датира од времето кога првиот предок се крстил на денот на светецот и почнал да го слави како слава на домот, па така и другите потомци низ годините и вековите го прифаќале ова како крсно име на семејството.

Ако немате такви предци, можете да го земете светецот на чиј ден сте се крстиле вие, или (ако не сте крстени) да го одберете светиот ден кога ќе се крстите и да го земете тој светител како крсно име.

Некои луѓе ја избираат славата избирајќи светец кој им е важен во животот за нешто – ако им се случило нешто лошо или добро, а тој светец им помогнал, им подарил нешто или ги ocлободил од некоја неволја… Потоа го избираат тој светец за заштитник на куќата и семејствата.

Во договор со парохискиот свештеник, на овој начин можете да го изберете саканиот светец и да го прославите вашето крштевање. Исто така, свештеникот може да ви даде да отворите света книга и на тој начин, Тој вас да „ве одбере“. Повеќе може да слушнете од свештеникот Бобан Стојковиќ ОВДЕ.