Рецепт и видео презентација на “Gala Food” – Сусам стапчиња. Потребни состојки: 125 г путер или маргарин, 200 г ситно сирење, 200 г брашно, ½ лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). За премачкување на кората: 1 жолчка од јајце. За наросување одозгора: сусам.
Постапка: Во подлабок сад ставете 125 г путер омекнат на температура и исечен на помали парчиња. Додадете 200 г издробено ситно сирење. Со помош на виљушка добро соединете ги двете состојки (а може и со рака). Во смесата додадете 200 г бело брашно, половина лажичка сол и една кесичка прашок за печиво.
Убаво со лажицата промешајте за да се соединат состојките. На крај доработете го тестото со рака додека да стане компактно. Тестото треба да биде мазно, да не се рони и да не се лепи за рака. Оставете го во садот во кој го месевте, покријте го со проѕирна фолија и оставете го половина час да одмори за да спојат состојките убаво.
После 30 минути истресете го врз малку набрашнета работна површина и со помош на оклагија развлечете кора со правоаголна форма (погнете си малку и со рацете). Кората не треба да биде многу тенка. Во помал сад изматете една жолчка од јајце, па со помош на силиконска четка, премачкајте ја кората преку целата површина.
Одозгора рамномерно наросете сусам. Потоа исечете ги сусамките-стапчиња со должина од околу 5 см или по ваша желба и широчина од 1,5 – 2 см. Ова можете да го направите и врз хартија за печење, па директно да ги префрлите стапчињата во плехот, заедно со хартијата.
Вака исечените стапчиња наредете ги во плех претходно малку намастен и обложен со хартија. Сусамките редете ги на растојание бидејќи во текот на печењето малку ќе нараснат. Ставете ги да се печат во претходно добро загреана рерна на 200 степени, околу 15 минути или додека да заруменат. Вашите сусамки се готови и можете да ги послужите. Сите детали од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.
Прочитајте го и вториот рецепт за вкусни сусам-соленки. Рецепт и видео презентација на Cucina Faciele Tashev. “Солени вкусни стапчиња со сусам и рендан пармезан, излегува цела тепсија”. Вкусни соленки, одлична закуска за секаква пригода. Потребни состојки:
500 г брашно, 200 мл млако млеко, 120 г путер, 1 јајце, 20 г свеж квасец (половина коцка), 1 лажичка сол, 1 лажичка интегрален шеќер. Постапка: Во длабок сад изматете го јајцето со жица. Квасецот издробете го и растворете го млакото млеко со лажичка шеќер.
Додадете го во јајцето, па соединете. Путерот оставете го да омекне на собна температура, па со маталка (или со рака) промешајте го во течните состојки. Започнете постепено да додавате брашно и мешајте додека да добиете меко тесто.
Истурете го на набрашнета површина, па убаво домесете го за да добиете мазно и еластично тесто кое не лепи на рака. Вака формираното тесто вратете го во садот и оставете го покриено со крпа да стасува околу 45 минути. Потоа извадете го врз хартија за печење, малку набрашнете го одозгора, па развлечете го во кора со дебелина од околу еден прст.
Заедно со хартијата префрлете ја кората врз тенкиот плех од рерна, исечете ги долгнавестите стапчиња, премачкјате ги одзгора со жолчка и наросете ги со сусам и рендан пармезан по желба, па ставете ги во загреана рерна на 200 степени да се печат околу 20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.