За да ги направите овие топчиња нема да потрошите повеќе од половина час од вашето време.
Предјадењата секогаш се омилени, бидејќи се декоративни, многу вкусни и се јадат во еден залак. Секојпат се разновидни и затоа може да се ужива во различните вкусови кои ја збогатуваат славската трпеза.
Солените топчиња, секако, се најлесните за подготовка, бидејќи од една смеса може да направите неколку различни предјадења.
Ви ги предлагаме овие топчиња кои се прават со мешавина од фета сирење и крем сирење, а во средината се полнат со маслинки. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 180 г фета сирење, 180 г крем сирење, 1-2 чешниња лук (или во прав), маслинки за полнење по потреба (150 г), за валање: 1 китка свежа мирудија/копар или магдонос, 50 г истостиран сусам
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г пилешко бело месо, 150 г тврд кашкавал кој лесно може ситно да се ренда (по ваш вкус), 2 чешниња лук, сол, 1/2 китка свежа мирудија/копар или магдонос (по вкус), 120 г мајонез, 1 супена лажица масло. За валање 100 г мелени кикирики
ПОСТАПКА за рецепт 1: во подлабок сад измешајте ги добро фета сирењето и крем сирењето додека да добиете еднолична смеса. Додајте мелен лук или во прав, посолете и запиперете по вкус.
Оставете кратко во фрижидер да се стегне и вашата смеса за солени топчиња е готова.
Црпете по малку од смесата, ставете една маслинка без семка во средината, па со дланките обликувајте топче. Смесата е малку леплива, па можете прстите малку да ги намастувате.
Половина од топчињата валајте ги во сечкана зелена мирудија/копар или магдонос, а половината во претходно пропржен и оладен сусам/ореви и сл. Еве ја постапката и од вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Пилешкото бело месо ставете го во чинија, намастете го со малку масло, посолете го и зачинете го со специјален зачин за пилешко, или пак зачини по ваш избор.
Добро истријте го од сите страни, па оставете го половина лас да отстои во фрижидер за да ги впие вкусовите.
Потоа испржете го во тава на малку масло, додека да зарумени убаво од двете страни. Оставете го настрана да се олади. Кикириките (претходно истостирани/испечени и излупени) ситно сомелете ги, а кашкавалот изрендајте го на најситната страна од рендето.
Мирудијата/копарот ситно исечкајте го. Сите намирници е потребно да бидат што поситно исечкани за да можат убаво да се соединат во комапктна смеса. Пилешкото, кашкавалот и мирудијата измешајте ги во една длабока чинија.
Мајонезот помешајте го со изрендан или истиснат низ преса лук, па додајте го во мешавината.
Изедначете додека смесата да стане компактна. Од добиената смеса црпете со рака и обликувајте топки со големина на тениско топче (или по ваша желба). Валајте ги во мелените кикирики и поставете ги на украсна чинија.