Ова е мојот омилен солен ролат кој е склон на модификации, па така, можете да добиете ролати со боја каква што ќе посакате. Бисквитот за ролат се приготвува на универзален начин, многу лесна постапка, а сепак добивате нависнина многу вкусно предјадење.

рецепт 2

Во првата верзија според рецептот на Андријана објаснети се неколку начини за добивање на шарени ролати, а за вториот рецепт од насловната фотографија имате и видеопрезентација. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 1 чаша (од 250 мл) брашно, 1 чаша јогурт, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 1/2 лажичка сол. За фил (по желба нешто од наведеното): павлака, мајонез, шунка, кашкавал, ајвар, варени јајца, крем сирење, печена црвена пиперка..

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 белки, 8 жолчки, 11 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 2 мали лажички сол, 300 г спанаќ, 3 лажици мелено семе од афион – мак. За фил: 500 г фета сирење, 200 г кисела павлака и тенки листови шунка по потреба




ПОСТАПКА за рецепт 1 (состојките треба да бидат на собна температура): Разделете ги белките од жолчките. Белките изматете ги во цврст снег. Потоа изматете ги жолчките, па во нив додајте го брашното помешано со прашокот за печиво, потоа додајте го јогуртот и солта, па изедначете.




Во хомогената смеса постепено додајте го снегот од белки и мешајте со лажица. Тестото излејте го на плех обложен со хартија за печење и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 15-20 минути.




После печењето бисквити свиткајте го во влажна крпа (добро исцедена) сосе хартијата и оставете да се олади. Потоа филувајте по желба и повторно цврсто свиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер добро да се олади пред сечењето. Еве како да добиете шарени ролати:




ЗА ЗЕЛЕН РОЛАТ: Во основното тесто додајте 4-5 полни супени лажици пасиран спанаќ. ЗА ЦРВЕН РОЛАТ: Во основното тесто додајте 4-5 полни супени лажици ајвар. Може да додадете и сечкан свеж магдонос за да добиете зелени точки. ако правите како торта, тогаш испечете 3 кори со различна боја и филувајте по желба. Еве ја постапката од вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Белките пенасто изматете ги во цврст снег. Потоа започнете постепено да ги додавате жолчките, една по една, додека непрекинато матите со миксерот. Кога ќе добиете пенлива и густа смеса, додајте 400 мл јогурт и изматете.




Потоа додајте 9 лажици брашно помешано со една кесичка прашок за печиво и сол, па промешајте со лажица или жица-маталка. Кога ќе се изедначи и ќе стане хомогена без грутчиња, а сепак пенлива, поделете ја на два дела.

Во едниот дел додајте 300 г бланширан (исцеден) спанаќ и 1 лажичка сол и 2 супени лажици брашно, па промешајте да се изедначи рамномерно. Во втората смеса додајте 3 супени лажици мелено семе од афион и промешајте со лажица за да се изедначи.

Излејте ја смесата со спанаќ во плех од рерна обложен со хартија за печење, распоредете и ставете да се пече 15 минути во претходно загреана рерна на 200 степени.

Потоа превртете ја врд друг лист хартија, отстранете ја хартијата на која се печење, а свиткајте ја во ролат сосе хартијата под неа и оставете да се лади. На ист начин испечете ја и втората кора.

ФИЛ: Иситнете 500 г фета сирење и помешајте го со 200 г кисела павлака. Смесата поделете ја на два дела, па премачкјате ги двете кори.

Најпрво нанесете четвртина од филот, па наредете шунка, па одозгора премачкјате со втората четвртина и свиткајте го ролатот со помош на хартијата. Вака свитканите ролати оставете ги во фрижидер добро да се стегнат пред сечење. Деталите погледнете ги ОВДЕ.