Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти: Солени мафини со едно јајце. Ова е рецепт даден како основа за смеса од која се добиваат 7-8 мафини со стандардна големина. Правени се во специјални силиконски калапи, но доколку немате такви, може да користете какви имате.
Потребни состојки: 1 јајце, 4 супени лажици кисело млеко, 50 мл маслиново масло, 1 кафена лажичка сол, 5 супени лажици брашно, 1 кафена лажичка прашок за печиво (5 г), сусам за наросување, урда или крем сирење и 1 кафена лажичка кари во прав
Постапка: Во подлабок сад за матење ставете едно јајце, 4 лажици кисело млеко и 50 мл маслиново масло. Посолете со една лажичка сол и со жица за матење измешајте ги состојките додека да се изедначат и соединат.
Во смесата додадете 5 лажици брашно и една лажичка прашок за печиво. Изматете. Од оваа смеса излегуваат 7-8 мафини, па доколку сакате да правите повеќе – сразмерно зголемете ги количините на состојките.
На дното од секој калап наросете по малку сусам, а потоа со лажичка полнете ги калапите. Доколку користите обични калапи, добро намастете ги со путер и наросете ги со малку пченкарно брашно и сусам. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
За полнење: Во 3-4 супени лажици урда или крем сирење додадете една лажичка кари и убаво промешајте додека да се изедначи. Полнете ги или филувајте ги печените мафини. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.