Фото и рецепт: Зорица

Потребни состојки:

250 г крем сирење
3 лажици кисела павлака
2 лажици мајонез
1 лажичка лут сенф
2-3 млади кромитчиња или половина главица црвен кромид
2-3 лажици ситно сечкана црвена пиперка
250 г сечкано пилешко месо
4-5 ситно сечкани кисели краставички
1 поголем ситно сечкан морков
100 г варен грашшок
3 ситно сечкани варени јајца
2-3 лажици ситно сечкан власец
1 чешне лук
варени јајца и магдонос за декорација

Постапка:

Прво се приготвува пандишпанот за тортата: Можете да направите три кори со посебна боја, или една голема, шарена кора за ролат.

Потребни состојки за зелен дел:

2 јајца
2 лажици масло
1 лажица кисела павлака
2 лажици брашно
1 мала лажичка прашок за печиво
2 лажици кратко избланширан и ситно исечкан спанаќ

Состојки за црвен дел:

2 јајца
2 лажици масло
1 лажица кисела павлака
2 лажици брашно
1 мала лажичка прашок за печиво
2 лажици ајвар

Состојки за жолт дел:

2 јајца
2 лажици масло
1 лажица кисела павлака
2 лажици брашно
1 лажичка прашок за печиво
2 лажици ситно кравјо сирење (постаро)

Постапка:

Пригответе 4 садови, миксер, жица за матење и сите намирници треба да бидат на собна температура.

Одвојте ги белките и со прстофат сол изматете ги во цврст снег. Оставете ги на страна. Во жолчките додадете добро исцеден спанаќ (претходно кратко обарен) и исечкан, кисела павлака, масло, брашно, прашок за печиво.

Сите состојки добро измешајте ги и соединете ги со жица, па постепено додавајте ги белките и мешајте со лажица. Добиената смеса тргнете ја на страна.

Истото направете го и со црвената смеса, само на крај наместо спанаќ додадете две лажици ајвар. Оставете ја и оваа смеса на страна.

Истото повторете го и со жолтата смеса, со тоа што на крај ќе ставите две лажици сирење.

Плех со димензии 28х38 см обложете го со хартија. Секоја смеса истурете ја внатре како вие сакате, со тоа да бидат видливи премините од една кон друга боја.

Протресете го плехот за да се израмнат смесите и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени околу 15 до 20 минути. Печената кора додека е топла превртете ја врз кујнска крпа, одлепете ја од хартијата и оставете целосно да излади. Кога ќе излади пресечете ја на три делови по должина, така да добиете три еднакви кори.

Додека се лади кората пригответе го филот: Сварете ги морковот и грашокот, но внимавајте да не ги преварите. Сварете 5 јајца, 3 идат во филот, а две за декорација.

Изматете го кремот со киселата павлака, мајонезот и сенфот. Додадете ги сите останати, ситно сечкани состојки и на крајот додадете ги ситно сечканите јајца, сварениот грашок, сол, црн пипер и морков и убаво промешајте со лажица или шпатула.

Филување: на тацна ставете една кора, па внимателно нанесете половина од филот и израмнете. Врз филот ставете ја втората кора, па остатокот од филот и на крај завршете со третата кора.

Украсете со тркалца од варени јајца или како што вие сакате. Покријте со најлон и оставете преку ноќ во фрижидер. Следниот ден сечете на парчиња и послужете како предјадење.