„Здраво драги мои, јас сум Сања од Аурора Рецепти. Повторно нешто убаво, вкусно и многу лесно да се подготви, немам многу што да кажам, бидејќи кога ќе го направите и пробате ова совршенство, веднаш ќе го засакате. Сигурна сум дека ова печиво со мелено месо ќе ви остави убави впечатоци и ќе ве воодушеви со вкус и мирис“, вели Сања.
Потребни состојки: 200 мл млако млеко, 8 г сув квасец или 20 г свеж, 1 лажичка шеќер, 500 г брашно, 1 лажичка сол, 150 – 200 мл млака вода, 100 г пченкарно брашно, 1 лажица путер.
За фил: 500 г мелено месо, 2 главици кромид, 1 лажичка зачини, малку сол, малку црн пипер и сув магдонос по вкус, 2 жолчки со 1 лажица млеко за премачкување, малку сусам или некои други семки за наросување.
Постапка: Прво подгответе го тестото. Во подлабок сад ставете го млакото млеко, додајте го квасецот со 1 лажичка шеќер и издвојте 2 лажици брашно од потребната количина. Малку промешајте и почекајте квасецот да надојде неколку минути.
Потоа додајте 150 мл млака вода, а по потреба за замесување на тестото ќе си додавате. Мене ми требаа уште некои 50 мл кога го замесував тестото. Додајте 100 г пченкарно брашно кое дава совршен вкус на ова печиво. Ќе ви биде потребно уште малку пченкарно брашно (по потреба).
Ако ме прашувате какво пченкарно брашно да користите, може да е било какво. Бело, жолто, а дури може да користите и палента, од онаа покрупната. Во тестото додајте 1 лажичка сол и 1 лажичка путер и добро измешајте ги состојките.
Започнете полека да додавате од белото брашно, постепено додека малку да се соедини, а потоа преминете со рачно месење на работна површина. Мене ми беше потребно вкупно 500 г бело брашно.
Кога ќе го замесите тестото ќе забележите дека е многу меко и воздушесто како сунѓер. Не е класично, бидејќи не треба да чекате неколку пати да нарасне, може да го користите веднаш.
Кога ќе го замесите тестото, го враќате во садот кај што го подготвивте и го оставате поклопено со крпа додека го подготвувате филот. За фил: Ситно исечкајте ги двете главици кромид и ставете ги на пржење. Кога кромидот ќе омекне се додава меленото месо и се пржи додека да ја промени бојата. Зачинете по вкус.
Филот тргнете го настрана и вратете се на месење на тестото. На намастена работна површина малку размесете го и поделете го на 6 еднакви делови. Направете топчиња од секој дел и одозгора премачкајте ги со масло. Потоа покријте ги со пластична фолија и оставете ги да отстојат 10 минути за маслото добро да се впие во тестото.
Јас користам обично масло. За ова тесто нема да ви биде потребна оклагија, напротив тестото рачно се развлекува бидејќи е многу еластично. Земете едно од топчињата и развлечете го што потенко. Одозгора наросувате со 1 мала лажичка пченкарно брашно и масло по потреба.
Развлечениот правоаголник започнете да го „диплите“ прво од едната страна кон средина, па ставете пченкарно брашно, потоа од другата страна кон средина и повторно додавате пченкарно брашно. Истото го правите и со третата и четвртата страна од тестото со постојано давање на пченкарно брашно/палента која дава фантастичен вкус.
И така тестото го формирате во правоаголник со повеќе слоеви. Деталите од „диплењето“ може да ги погледнете во видеото подолу. Постапката ја повторувате и со наредните 5 теста кои постојано се наросуваат со пченкарно брашно по ваш избор.
Потоа го земате првото тесто кое го подготвивте и повторно го развлекувате во тенок слој. На едната страна ставате од филот (кој претходно треба да ви биде распореден во 6 еднакви делови) и виткате ролат од страната кај што сте ставиле мелено месо.
Пред самиот крај на ролатот, правите резови како по косина, но не го сечете буквално тестото од крајот. Продолжувате со виткање на ролатот и одозгора ќе имате прекрасна декорација. Вака ролатите ги редите во плех обложен со хартија за печење.
Рерната вклучете ја на 200 степени добро да се загрее, па ролатите премачкајте ги со мешавина од 1 жолчка со малку масло и ставете ги на печење 30-40 минути додека да добијат убаво златно-жолта боја. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.