Балканскиот сос е сос кој е повкусен дури и од францускиот, англискиот или кој било друг сос. Неговата тајна лежи во посебните состојки и сложеноста во неговата изработка…
Така си мислат оние кои ќе го пробаат, а оние кои го прават знаат дека овој сос само се микса и си се подготвува самиот по себе и тоа од најобични состојки кои сите веќе ги имаат во кујната.
Ако домаќинката го изрекламира ова јадење како нешто специјално и сложено, неговиот вкус само ќе ја потврди нејзината приказна. Затоа домаќинки и домаќини, искористете ја оваа специјална „понуда“ од мене, пригответе го овој рецепт и нема да се покаете – Маја-Пг.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (За три лица): 6 шницли, 6 листови кашкавал гауда (или некој друг вид), 1 главица кромид, 1 рамна супена лажица сув зеленчуков зачин (вегета), 1 полна супена лажица кечап, 200 мл вода, на врв од мала лажичка мелен црн пипер, 3-4 лажици масло
ПОСТАПКА: Шницлите истенчете ги со помош на готварски чекан (или замолете ги во месарницата да ги поминат низ преса), па потоа наредете ги во намастен плех. Врз секоја шницла ставете по еден лист кашкавал.
Кромидот ситно исечкајте го, додајте му една супена лажица сув зеленчуков зачин (вегета), една лажица кечап, вода, црн пипер по вкус, и сето тоа добро соединете го, најдобро во блендер или сечко (не мора да се претвори во каша, доволно е кромидот ситно да се исечка).
Добиената смеса рамномерно прелијте ја преку шницлите. Рерната загрејте ја на 200 степени, па кога ќе ја постигне топлината, ставете го плехот со шницлите и намалете ја температурата на 180 степени.
После 25-30 минути проверете дали водата испарила и ако е потребно додајте уште половина шолјичка (за кафе) вода, односно со лажица додајте вода преку секоја шницла посебно.
Потоа плехот малку протресете го за да може сосот, водата и растопениот кашкавал да се соединат. оставете уште 10-15 минути јадењето да се потпече, водејќи сметка шницлите да не се исушат, туку да останат сочни.
Готовите шницли распоредете ги по чинии, а преостанатиот сос во плехот промешајте го и со него прелијте ги шницлите одозгора и прилогот кој сте го одбрале (во мојот случај тоа се компири). Добар апетит – Маја-Пг / Сооlinarika.com