Многу вкусен, лесен и сочен колач со прекрасен вкус на јаболка и чоколада. Може да се презентира како зимски колач, но добро разладен може да биде и совршен десерт во летните месеци. нема да згрешите ако го испробате рецептот на Луан, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 5 јајца, 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 200 г масло за јадење, 250 г меко брашно, 30 г какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 прстофат сол.

ЗА ФИЛ: 6 јаболка, 100 мл вода, 200 г шеќер, 100 г чоколадо за готвење, 200 г несолен путер или маргарин. ЗА ПРЕЛИВ (на бисквитот): 200 мл сок од јаболка (100%). ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо за готвење, 50 г путер и 2 супени лажици масло




ПОСТАПКА: јаболката измијте ги, излупете ги и изрендајте ги (на крупната страна од рендето), па заедно со водата и шеќерот ставете ги во тенџере на оган. Мешавината варете ја умерена температура сè додека јаболката да омекнат и шеќерот целосно да се растопи.




Омекнатите јаболка сомелете ги со рачен блендер (или во обичен) заедно сосе течноста во која се готвеа, па ќе добиете смеса налик на пире. Во пирето од јаболка додека е сè уште врело додајте чоколадо искршено на коцки и путер исечкан на листови.




Мешајте енергично додека да се растопат состојките и да се инкорпорираат во мешавината. Потоа мешавината покријте ја со кеса или проѕирна-стреч фолија и оставете ја настрана целосно да се олади до собна температура.




Во меѓувреме пригответе го бисквитот така што пенасто ќе ги изматите јајцата со миксер во кои постепено ќе го додавате шеќерот и ванилата. Треба да се матат 5-8 минути сè додека шеќерот да се растопи и јајцата да згуснат во кремаста смеса.




Потоа, додека непрекинато матите со миксерот, започнете да го додавате маслото во тенок млаз. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашното, какаото, солта и прашокот за печиво. Започнете постепено да ја додавате сувата мешавина во изматените јајца, најдобро преку сито.




Мешајте со лажица/шпатула или со кујнска жица-маталка, со бавни движења и превртување на смесата од долу кон нагоре со нежно протресување, сè додека да се впијат сувите состојки, а сепак смесата да остане воздушеста и пенлива.




Која најпосле целосно ќе ги соедините состојките и ќе добиете мазна и хомогена смеса, тестото излејте го во калап 30х20 см обложен со хартија за печење, малку потчукнете го од масата и израмнете ја површината.




Печете го бисквитот половина час во претходно загреана рерна на 170 степени (или проверете со чепкалка). печениот бисквит префрлете го на решетка и оставете целосно да се олади. Ладниот бисквит пресечете го хоризонтално на две тенки кори.




Едната кора (долната) вратете ја во калапот каде што се печеше и рамномерно залијте ја со сок од јаболка. втората (горна) гора изронете ја со прстите во што поситни трошки. Во смесата од оладени јаболка додајте ги трошките од бисквитот и промешајте за да се изедначи (со лажица/шпатула).

Преку залиената долна кора рамномерно распоредете го филот од јаболка и убаво израмнете. Оставете го колачот во фрижидер да се олади 30-40 минути. Во меѓувреме пригответе ја глазурата така што сите состојки ќе ги растопите нна тивок оган или во микробранова печка. Неколку лажици одвојте во слаткарска кеса со мал отвор за декорација.

Со остатокот од глазурата залијте ја целата површина на оладениот колач и израмнете. Декорирајте и вратете го колачот во фрижидер да се олади најмалку уште 5-6 часа или најдобро преку цела ноќ. Ладниот колач сечете го на штангли или коцки. / Сооlinarika.сom