I РЕЦЕПТ: ЦРН КОЛАЧ БЕЗ ЈАЈЦА
Се приготвува со едноставни намирници, а се добива многу вкусен колач. Тие што не го пробале – задолжително да го пробаат.
Потребни состојки: 3 чаши јогурт (3х180 г), 300 г брашно, 250 г шеќер, 120 мл масло, 25 г какао, 2 лажички сода бикарбона и путер за премачкување на плехот. За глазура: 150 г путер, 150 г чоколадо за готвење, 120 г шеќер, 120 мл млеко
Постапка: во подлабок сад ставете јогурт, брашно, шеќер, масло, какао и сода бикарбона, па матете со миксер 2-3 минути. Смесата излејте ја во плех 20х30 см претходно намастен со путер и печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
Путерот растопете го, тргнете го од оган, па додајте чоколадо искршено на коцки, шеќер и млеко, па мешајте додека да добиете мазна смеса. Колачот изладете го па прелијте го со чоколадната глазура. Можете да го послужите со шлаг, а во сезона може да го послужите со бобинки по желба.
Напомена: овој рецепт го добив од тетка ми, која го добила од своја пријателка. Често го правам и сите многу го сакаат. Но, доста е калоричен, па по желба можете да ја намалите количината на шеќер и масло.
Доколку ви се брза и немате време да ги вагате намирниците, тогаш користете ја чашата од јогурт како мерка. Тогаш ќе ви биде потребно: 3 чаши јогурт, 3 чаши брашно, 2 чаши шеќер, 1 чаша масло, 3 големи лажици какао и 10 лажици млеко
II РЕЦЕПТ: СОЧЕН ЦРН КОЛАЧ
Потребни состојки: 3 чаши кисело млеко, 2 чаши шеќер, 1 чаша масло, 3 чаши брашно, 4 лажици какао во прав, 1 лажичка сода бикарбона. За прелив: 1 лажица масло, 4 лажици млеко, 1 кесичка капучино (може и без), 70 г маргарин, 3 штангли чоколадо (50 г), 3 кесички ванилин шеќер (ако ставате капучино, тогаш само 1)
Постапка: Сите потребни состојки за колачот изматете ги со миксер. Добиената смеса излејте ја во намастен и наросен со брашно плех и печете во загреана рерна на 200 степени. Проверете со чепкалка дали е печен (ако излезе чепкалката сува, значи дека е готов).
За ова не ви се потребни повеќе од 20 минути до половина час. Изладениот колач избоцкајте го со чепкалка, па прелијте го со врела чоколадна глазура. Глазурата се приготвува на следниот начин: Сите состојки ставете ги во тенџере и мешајте додека да зоврие.
Кога ќе зоврие и состојките се изедначат во хомогена смеса, глазурата прелијте ја врз колачот. Уживајте во вкусот. За мерење користев чаша од кисело млеко од 180 г, а може и чаша од 200 мл. / Сoolinarika.com
III РЕЦЕПТ: Чоколаден колач, превкусен, евтин и многу брзо се приготвува, дома ни е омилен
Фотографија и рецепт на Верица Ефремова Велкова. Еве го рецептот за сите заинтересирани што сакаат да си го направат, нема да зажалат. Превкусен е, евтин, брз, чоколаден…
Потребни состојки: 2 чаши јогурт, 1 ½ чаша шеќер, 2 чаши брашно, 2 лажици какао, ½ чаша масло, 1 прашок за печиво, 1 чаша = 250 мл.
Постапка: Сите состојки се мешаат во еден сад во убава изедначена смеса, да нема грутчиња. Смесата се излева во плех претходно намастен и набрашет (со средна величина). Се става да се пече во загреана рерна на 180 степени. Се проверува дали е печено со чепкалка за заби.
Печениот колач се остава да излади, а потоа се прелива со чоколаден сируп. За чоколаден прелив: 100 г чоколадо, 100 г путер или маргарин, 15 лажици млеко, 5 лажици шеќер. Постапка: Сите состојки се ставаат на тивок оган да се растопат со постојано мешање.
Ладниот колач се прелива со топлиот чоколаден сируп. Одозгора можете да наросите кокос или нешто по ваша желба, но и вака е превкусен. Коментар на Saska Cilevska: „Колачот е одличен, јас често го правам но во кексит ставам рендана кора од портокал, а во преливот половина од млекото го заменувам со сок од портокал.
Домашните го обожаваат и го викаме „Црнец без јајца”. Коментар на Весна Михајловски: „Наместо прашок за печиво ставам сода бикарбона, подобро е така, проверено! Инаку често правен многу јаден”.
IV РЕЦЕПТ “Црнец без јајца” – рецепт кој на сите им успева од првпат. Едноставен колач а толку вкусен, мора да го пробате. Колачот е старински и уште одамна го приготвуваа нашите мајки и баби.
Потребни состојки: 550 мл јогурт, 100 мл масло, 250 г шеќер, 2 лажици какао, 300 г брашно, 2 лажички сода бикарбона. За глазура: 180 г путер, 120 мл млеко, 120 г шеќер и 120 г чоколадо за готвење.
Постапка: Во еден сад ставете 550 мл јогурт на собна температура. Додајте 100 мл масло и 250 г шеќер. Во смесата додајте 2 лажици какао во прав и 300 г брашно.
На крај ставете и 2 лажички сода бикарбона па промешајте со жица за матење додека да добиете мазна полутечна смеса, без грутчиња. Добиената смеса излејте ја во плех со средна величина или тркалезен калап за торти, претходно намастен со малку путер или масло.
Израмнете и ставете да пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Печениот колач оставете го да излади, а за тоа време пригответе ја глазурата: во еден сад ставете 180 г путер и растопете го на тивок оган. Додајте 120 мл млеко, 120 г шеќер и 120 г чоколадо за готвење.
Промешајте убаво додека сите состојки да се растопат и изедначат, па прелијте ја глазурата преку изладениот колач. Оставете да се стегне, па сечете го на коцки. Одозгора може да декорирате со рендано чоколадо.