Мене ова ми е омилен куглоф колач со малини, не само поради неговата сочност, туку и неодоливиот мирис. Како памук е мек, секој залак се топи, мириса примамливо и сите бараат парче повеќе. Секој што го пробал, побарал и рецепт, па не пропуштајте го и запишете си го, нема да се покаете. Рецептот го имам од Ивана веќе 5 години и редовно го подготвувам. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 250 г шеќер, 250 г путер или маргарин, 100 г чоколадо, 200 мл јогурт, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 350 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г), 300 г малини (може вишни или друго бобесто овошје по желба). За прелив: 100 г чоколадо растопено со лажица растително масло, или пак, наросете го со шеќер во прав
ПОСТАПКА: На самиот почеток подгответе го калапот за куглоф, затоа што смесата се прави многу брзо. Намастете го со малку масло на дното и ѕидовите, а потоа наросете го со брашно (вишокот истресете го). Ова ќе превенира залепување на колачот.
Скршете 100 г чоколадо на коцки и растопете го во микробранова печка или на пареа. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Путерот или маргаринот претходно оставен да омекне на собна температура, исечете го на помали парчиња.
Додајте 250 г кристал (гранулиран) шеќер, една кесичка ванилин шеќер и пенасто изматете го со миксер додека да се растопи шеќерот и да се добие кремаста структура. Во вака изматениот путер започнете да ги додавате јајцата, едно по едно, вкупно пет. Кога едното ќе се инкорпорира во смесата, дури потоа додајте го следното јајце.
Потоа додајте 200 мл јогурт (една чаша) и изматете кратко колку да се соедини. На крај додајте 350 просеано брашно помешано со една кесичка прашок за печиво. Изматете со миксерот додека да добиете мазна, хомогена смеса без грутчиња.
Две третини од добиеното тесто излејте го во подготвениот калап за куглоф и израмнете, па одозгора наредете 300 г малини (може и замрзнати) и малку подбутнете ги внатре и израмнете. Во остатокот од тестото (една третина) додајте го растопеното чоколадо, промешајте и распоредете го врз малините (врз жотиот дел).
Со нож или дрвено стапче за ражен поминете низ колачот со спирални движења за да се формираат шари. Ставете го да се пече еден час и 10 минути, а по потреба покријте го хартија одозгора ако прерано зарумени. Потоа оставете го да се олади, одвојте го од калапот и превртете го врз десертна чинија.
Ако го печете во тепсија или калап со поголем пречник, тогаш печете го пократко време. Можете едноставно да го наросите со шеќер во прав, или да го декорирате со растопено чоколадо. Видеопрезентацијата на Ивана погледнете ја ОВДЕ.