Направете ја оваа лутеница според рецептот на Олга и уживајте во неодоливиот пикантен вкус кој совршено одговара како прилог со сите јадења. Пиперката е една од омилените намирници во Македонија.

Без разлика дали се јаде свежа, во салата или полнета за ручек или закуска, пиперката се чини дека исто така, е омилената намирница и за приготвување на зимница.




Покрај прочуениот македонски ајвар, на сите им е омилена и лутеницата, а секоја домаќинка од своите предци си има наследено рецепт според кој ја приготвува оваа вкусна зимница.

Искористете ја сезоната на пиперките и испробајте го рецептот на Олга, па споделете ги впечатоците. Дадените состојки се доволни за една тегла, но вие можете количините да ги прилагодувате според потребите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 големи црвени пиперки, 4 долги, црвени лути пиперки, 2 главици лук (100 г), 250 мл масло, 250 мл вода, 1 лажичка сол (или по вкус), 70 г шеќер, 2 лажици бел алкоxолен оцет 9%

ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги и избришете ги со кујнска крпа. Потоа отстранете им ги петелките, исчистете ги од семето и секоја пиперка исечете ја на три-четири долги ленти со приближно широчина од 1,5 см.




Плехот во кој ќе ги печете пиперките обложете го на дното со алуминиумска фолија (врз фолијата ако сакате можете да ставите и хартија за печење). Насматете го дното со масло па одозгора добро затворете го плехот со уште едно парче алу-фолија (под кое исто така, може да ставите хартија за печење).




Вака „спакуваните“ пиперки ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час. За тоа време тие убаво ќе омекнат, а нема да хидрираат. За тоа време спремете ги лутите пиперки: само отстранете ги петелките и исечете ги на 3-4 парчиња.

Од лутите пиперки нема потреба да го отстранувате семето. Лукот излупете го и исчистете го, па заедно со лутите пиперки ставете го во блендер. Добро сомелете за да ги иситнете што повеќе и да добиете убава изедначена смеса.




Добиената смеса префрлете ја во помало тенџере, додајте масло, вода, сол и шеќер. Добро промешајте, па ставете на оган да се загрева со непрекинато мешање за да се раствори шеќерот. Штом зоврие, тргнете го тенџерето од оган, додајте го оцетот и вратете назад да се издинста уште 5 минути.




Печените пиперки од рерната префрлете ги во сува и стерилизирана тегла, па дополнете со смесата од тенџерето. Со помош на нож подместете ги малку пиперките за да се ослободи уште малку простор, па дополнете до врв. Затворете ја цврсто теглата со чист капак, и веднаш додека е топла превртете ја наопаку.




Оставете ја вака додека да се олади, а веќе следниот ден можете да ја јадете. Лутеницата за зимница чувајте ја темно и ладно место, а после отворање чувајте ја во фрижидер. Ако ви остане од сосот во тенџерето, искористете го за некое друго јадење или салата, многу е вкусен.