Потребни состојки за жолта кора:
5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
Џем од кајсии
Потребни состојки за темна кора:
7 белки
7 лажици шеќер
3 жолчки
10 лажици мелени ореви
3 лажици брашно
½ прашок за печиво
За фил:
4 жолчки
2 ванилин шеќер
100 г чоколадо
50 г путер/маргарин
100 мл млеко
Малку рум и 1 лажица мелени ореви
За чоколадна глазура:
100 г чоколадо
2 лажици масло
1 мала коцкички путер
Постапка за приготвување на жолта кора:
Се матат цели јајца со шеќерот додека шеќерот да се растопи. Во пенасто изматените јајца се додава брашно, па смесата се излева во плех 35х25 см обложен со хартија за печење и се пече во рерна на 180 – 200 степени. Печената кора внимателно се одлепува од хартијата и се замотува во крпа (јас не ја виткав во влажна крпа зошто убаво се витка и вака, без пукање).
Постапка за приготвување на темната кора:
Изматете ги белките во цврст снег, додадете шеќер и матете додека да се растопи, а потоа внимателно додавајте едно по едно јајце (се мати со најслаба брзина на миксерот).
Со лажица внимателно се додаваат оревите промешани со брашно и прашок за печиво. Излејте во плех 40 х 30 см обложен со хартија за печење и испечете. Внимавајте да не ви загори, треба само малку да зарумени. Внимателно одлепете ја кората и свиткајте ја во ролат.
Додека се печат корите пригответе го филот:
Изматете ги жолчките со ванилин шеќерот, па потоа гответе ги на пареа додека да згуснат. Кога филот ќе почне да згуснува, за 10-тина минути, додадете го чоколадото исечкано на коцки, путерот и млекото, мешајте убаво да се соедини и да се зготви на пареа. На крајот додадете 2-3 лажици рум и мелени ореви.
Ролатите филувајте ги додека се млаки, полесно се размачкува. Прво жолтата кора обилно премачкајте ја со џем од кајсии и свиткајте ја.
Темната кора премачкајте ја со фил, потоа на неговиот почеток ставете го свитканиот жолт ролат, па потоа свиткајте го темниот ролат. Во тенок слој премачкајте со џем и прелијте со чоколадна глазура (во микробранова печка стопете го чоколадото, маслото и парче путер).