Погледнете како на најлесен начин можете да направите најубаво слатко од јагоди. Ова слатко навистина е фантастично, сè што ви е потребно се јагоди, шеќер и малку вода, како и половина час од вашето време.
Потребни состојки: 1 кг јагоди, 1 кг шеќер и 400 мл вода
Постапка: слаткото најубаво излегува ако го правите во помала количина. Користете пошироко тенџере за готвење на слаткото. Одберете поситни и поцврсти јагоди. Измијте ги и исчистете ги од петелките.
Во тенџерето ставете еден кг шеќер и прелијте со 400 мл ладна вода. Тенџерето ставете го на оган, а откако ќе зоврие оставете 5 минути да се вари без мешање, туку само со повремено протресување.
Важно е да се напомене, дека ниту на почетокот, ниту понатаму во варењето не треба да се меша. После 5 минути вриење на сирупот, додајте ги јагодите и оставете да се вари околу половина час на умерена температура.
Јагодите полека спуштајте ги за да не ве испрска шербетот и оставете ги да се варат. Притиснете малку одозгора со лажицата за секоја јагода да биде потопена во шербетот.
Доколку се формира пена на површината, собирајте ја со лажица која претходно секогаш ќе ја измиете под млаз ладна вода. Пената се собира на страна врз некоја помала чинија.
Повремено додека слаткото се вари, малку протресете го тенџерето. После половина час слаткото е готово и одозгора покријте го со мокра крпа. Оставете го целосно да излади. Потоа складирајте го во чисти и стерилизирани стаклени тегли. Затворете ги со целофан и капак, па чувајте ги на ладно место. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
Речиси заборавен обичај да се послужат гостите со слатко и чаша вода: рецепт за слатко од шумски и обични јагоди. За жал, оној прекрасен обичај е речиси заборавен: да се послужат гостите со слатко и чаша вода за да се освежат од патот.
СЛАТКО ОД ШУМСКИ ЈАГОДИ. Потребни состојки: 350 г шумски јагоди, 1 кг шеќер, 1 ванилин шеќер и 200 мл вода
Постапка: величината на тенџерето прилагодете ја според количината на јагодите: водете сметка дека тие треба да бидат распоредени во еден ред. Прво ставете шеќер и прелијте го со 200 мл вода. Варете додека да добиете густ сируп. За тоа време малите јаготчиња исперете ги и оставете ги добро да се исцедат.
Внимавајте да не ги нагмечувате за да останат цели во слаткото. Во варениот сируп внимателно истурете ги јагодите и додајте ванила. Ова е единствено слатко во кое не се става лимон за да не му се наруши тој прекрасен мирис и вкус на шумски јагоди.
Се вари на среден оган околу 15-20 минути. Слаткото треба полека да врие. Сирупот треба повторно да згусне, но така што од лажицата ќе паѓаат крупни, тешки капки. За време на готвењето слаткото не се меша, туку повремено се протресува тенџерето.
Кога е готово слаткото тргнете го од оган и повторно протресете го тенџерето за да се собере пената на средина, за да можете полесно да ја тргнете. Ако не се тргне пената има голема шанса слаткото да се зашеќери. Покријте го одозгора со чиста сува крпа и оставете така да преноќи. Следниот ден складирајте во чисти суви теглички.
Од 750 г чисти јагоди кои се варат во 2200 г шеќер се добиваат 6 мали теглички или 3 стандардни тегли.