Фото и рецепт: Зорица Наумовска

Нашата почитувана и драга членка Зорица Наумовска го приготви слаткото од грозје без семка, познато како Султанија. Рецептот за ова вкусно слатко беше објавен во групата НМД рецепти.

Потребни состојки:

1 кг зрна од грозјето без семки
1,200 кг шеќер
300 мл вода
1 лимон

Постапка:

Слаткото од грозје се приготвува од ситните гроздови на посебна сорта која се нарекува султанија. Ова грозје нема семки, но има многу нежна кожичка, поради која плодот без никаква обработка може убаво да се свари.

Султанијата која сте ја одбрале за вашето слатко не смее да биде презрела, туку полузрела. Грозјето внимателно измијте го и скинете ги зрната од петелките на гроздот, едно по едно.

Во големо широко тенџере за варење слатко ставете шеќер, додадете чаша вода и варете го сирупот како за секое слатко.

Кога сирупот ќе биде сварен и доволно густ, додадете го грозјето, протресете го тенџерето за да се натопат зрната и продолжете со готвење. Додадете и измиен лимон исечен на тркалца.

Варете го слаткото се додека да згусне, така што кога ќе ја подигнете лажицата, сирупот ќе паѓа во крупни капки.

Кога слаткото е сварено, тргнете го од оган, внимателно отстранете ја пената и покријте го со влажна крпа.

Оставете да отстои 12 часови, а потоа соберете го во суви, чисти и стерилизирани тегли. Врзете ги теглите со целофан и оставете ги на место каде има провев, како и останатото слатко.

Фото и рецепт: Зорица Наумовска