Овој крем колач е многу вкусен. Одлично освежува во летните денови. Добро изладен може да послужи наместо сладолед. Не е комплициран. Брзо се приготвува.
Потребни состојки: 2 пудинг од малина, 2 пудинг со вкус на слатка павлака (или ванила), 1,6 литар млеко + 100 мл за натопување на кексите, 400 г кекси (36 бисквити), 500 мл слатка павлака, 6-7 лажици мармалад/џем, 10 лажици шеќер, 10 г желатин (1 кесичка) + 50 мл ладна вода, 1 кесичка крем фикс, 8 крем банани и плех 23х23 см
Постапка: кратко натопувајте ги бисквитите во млеко и редете ги како подлога во плех со димензии 23х23 см или со слична големина. Потребни се 3х4, вкупно 12 бисквити за еден ред.
Одозгора премачкајте ги со тенок слој џем со 3-4 полни супени лажици. Потоа наредете уште 12 бисквити, исто така, претходно кратко натопувани во млеко. Повторно одозгора премачкјате ги бисквитите со неколку лажици џем и по третпат наредете нови 12 бисквити, кратко потопувани во млеко.
Една кесичка желатин од 10 г растворете во 50 мл ладна вода. Во друг сад со 200 мл ладно млеко ставете 5 лажици шеќер и прашокот за пудинг со вкус на малина. Промешајте убаво за да нема грутчиња. 600 мл млеко ставете на оган, па кога ќе зоврие, намалете ја температурата и додајте го разматениот пудинг. Мешајте постојано додека да згусне. На ист начин згответе го и белиот пудинг.
Желатинот поделете го на два дела, и секоја половина додајте ја во двата сварени пудинзи. Изматете со миксер за убаво да се соединат. Пенасто изматете половина литар слатка павлака додека да добиете цврст шлаг. Во матењето додајте и една кесичка крем фикс.
Една третина од изматената слатка павлака додајте во белиот пудинг и изматете со миксер за да се соедини. Половина од овој фил рамномерно распоредете го врз бисквитите, па врз него наредете 8 крем бананчиња. Врз нив распоредете го остатокот од филот и израмнете.
Една третина од изматената слатка павлака ставете во пудингот од малина и изматете со миксер за да се соедини. Целиот фил рамномерно распоредете го врз белиот фил (малку оставете за декорација). Одозгора завршете со шлагот од слатка павлака. Пред сечење и послужување колачот добро изладете го. Деталите можете да ги погледнете во видеото: