Куглофот ми е еден од омилените наши колачи кои секогаш со мерак ги подготвувам. Имам направено најразлични варијанти, а овој ми е еден од најбрзите бидејќи не се пече, туку се стегнува во фрижидер. Постапката е многу поедноставна, а тие што се нетрпеливи треба да се воздржат да не си пресечат парче додека е во фрижидер.
Куглофот е овошен и се користи најразлично сезонско овошје како на пример: банани, јаболка, јагоди, киви… Овој период кај нас нема киви, но секако може да ги изоставите или да замените со некое друго овошје. Јагоди може да користите и замрзнати.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 банана, 1 јаболко, 2 киви, 8 јагоди поголеми, бисквити (нема одредена количина, само се ставаат одозгора за да се надополни смесата), 1 литар млеко, 200 мл кремаст карамел пудинг (купечки или домашно направен). За декорација: сечкани бадеми и карамел прелив.
ПОСТАПКА: бананите исечкајте ги на кругови. Користете зрели банани за да не ви се направат како каша. Истото направете го и со јаболкото, прво излупете го, па исечкајте го на коцки. Кивите подварете ги неколку минути во тенџере, а потоа излупете ги и исечкајте ги и нив на коцки.
Јагодите се сечат на половина или четвртина во зависност од нивната големина. Може да користите различно црвено бобесто овошје. Овошјето наросете го со лимонов сок за да не потемни додека го подготвувате преливот.
ЗА ПРЕЛИВОТ: 1 литар млеко ставете го на тенџере да зоврие. Кога ќе биде пред моментот на зовривање додајте го кремастиот пудинг од карамел. Доколку не можете во супермаркет да најдете, тогаш направете си сами: растопете шеќер додека да се карамелизира и згусне и потоа измешајте со неутрална павлака.
Зовриениот прелив оставете да се готви уште 1-2 минути со повремено мешање. Во меѓувреме овошјето измешано распоредете го во специјален сад за куглоф и одогзгора распоредете скршени бисквити на коцки. Преливот оставете да излади малку, а потоа прелијте го врз овошјето.
Завиткајте го садот со стреч-проѕирна фолија и ставете во фрижидер да се стегне околу 1-2 часа во фрижидер. По изминатото време, извадете ја фолијата и превртете го куглофот на чинија.
По желба, декорирајте го со ситно сечкани бадеми и прелив од карамел, но и нема потреба бидејќи е доста шарен и има прекрасен изглед. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.