СИТНИ КОКОС КОЛАЧИ…Со години ги правам, многу едноставни, мирисаат до моите соседи…Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

1 јајце
1 кесичка ванилин шеќер (8 г)
100 г шеќер
250 г растопен путер/маргарин
1/2 лимон
100 г пченкарно брашно
350 г бело брашно
10 г прашок за печиво (1 кесичка)

ЗА ШЕРБЕТ:
350 г шеќер
450 мл вода
ванилин шеќер по желба
неколку капки лимонов сок по желба

ПОСТАПКА:

1.Путерот или маргаринот растопете го во микробранова печка или на пареа/тивок оган. Оставете да се подизлади, па додајте шеќер, ванила, јајце и исцеден сок од половина лимон.

2.Во течната смеса додајте 100 г пченкарно брашно и промешајте, па додајте го брашното со прашокот за печиво.

3.Измесете со рака додека да добиете ровко, комапктно тесто кое лесно се обликува. Од него кинете топчиња со големина на орев и редете ги во намастена (со путер) тепсија бр.32.

Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути, додека да заруменат.

4.Потоа оставете ги целосно да се оладат.

За шербет: водата и шеќерот ставете ги на оган да вријат пет минути, па полека прелијте ги оладените колачи (топол шербет – ладни колачи). Оставете колачите да го впијат шербетот, а потоа валкајте ги во кокосово брашно.