Прочитајте неколку рецепти за овие вкусни, омилени ситни колачи. Рецепт прв: ЧОКОЛАДНИ ГНЕЗДА – Ситни непечени колачи за сите пригоди. Брзи колачи, едноставни, а превкусни. За да ги приготвите овие чоколадни гнезда, ќе ви бидат потребни следните состојки:
200 г шеќер, 100 г чоколадо за готвење, 100 г маргарин/путер, 200 г кокос, 300 г мелени бисквити, 200 мл вода и 150 г еурокрем/нутела/или друг крем по вкус. Постапка: Во едно тенџере ставете го водата и шеќерот на оган, да зоврие неколку минути и да се растопи шеќерот.
Потоа тргнете го од оган, па во топлиот сируп ставете го путерот исечен на тенки листови и чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека да се растопат и соединат со сирупот во мазна смеса. Потоа додадете мелени бисквити и 100 грама кокос, па добро промешајте за ја впијат течноста.
Добиената смеса можете веднаш да ја работите, но може и да ја оставите некое време во фрижидер да се стегне. Кинете мали топчиња од вкусната смеса, со дланките формирајте ги гнездата и валкајте ги во преостанатиот 100 г кокос.
Со прстот правете мало вдлабнување во средината на секое гнездо. Филувајте ги со еурокрем или крем по ваша желба. Пред послужување можете да ги изладите и да ги наросите со шеќер во прав за дополнителен снежен ефект, но нема потреба. Многу се вкусни и декоративни.
Рецепт втор: Посни кокосови гнезда – ситни колачи кои први се изедуваат на секоја слава. Фотографија и рецепт на Верица Николиќ – Посни и неодоливо вкусни кокосови гнезда. Се приготвуваат едноставно од неколку посни состојки. Како фил можете да употребите било каков посен фил по ваш избор.
Потребни состојки: 200 мл вода, 250 г шеќер, 150 г путер/маргарин посен, 100 г чоколадо за готвење – посно, 100 г кокосово брашно, 250 г мелени кекси – посни. Уште ќе ви биде потребно: кокосово брашно за валкање на топчињата и посен чоколаден крем за полнење на гнездата.
Постапка: Во едно тенџере ставете вода, шеќер, исечкан маргарин и издробено чоколадо. Тенџерете ставете го рингла на умерена температура и мешајте со жица за матење додека да зоврие. Кога сите состојки ќе се соединат во еднолична смеса, тенџерето тргнете го оган и додадете го кокосовото брашно.
Промешајте со лажица, а потоа додадете ги и мелените кекси. Добро промешајте за да се соединат состојките а кексите да ја впијат влажноста. Смесата покријте ја со проѕирна фолија (ставете ја директно врз смесата), па оставете да се олади на собна температура.
Потоа оставете ја смесата да се олади во фрижидер околу половина час, односно додека убаво да стврдне за да може од неа убаво да се формираат топчиња. За мене мерка ми беше една лажичка за едно топче, а вие по ваша желба одлучете со која големина ќе ги правите.
Значи, со мала лажичка црпете од смесата, да биде до врв полна, потоа смесата ставете ја на дланката од лева рака, па со помош на двете раце формирајте го топчето. Со прстот притиснете во средина од топчето за да направите вдлабнување, а кое подоцна ќе го исполните со чоколаден посен крем.
Топчето валкајте го во кокосовото брашно. Вака приготвените гнезда редете ги во тацна за колачи. На ист начин направете ги и останатите топчиња додека да ја потрошите целата смеса. Чоколадниот крем ставете го во шприц за декорирање торти, а продолжетокот ставете го по ваш избор.
(Јас користев мал ѕвездест продолжеток), па со кремот наполнете ги вдлабнувањата на топчињата. Колачот оставете го во фрижидер најмалку два часа пред употреба и уживајте во неговиот вкус. Посен крем можете да приготвите и од посна течна павлака изматена со додаток на посно растопено чоколадо.
Рецепт трет – Посни лешник гнезда, без млеко и јајца, излегуваат 40. Фотографија и рецепт на Наталија. Ова се посни колачиња кои најпрво ќе ве освојат со декоративниот изглед, а потоа и со вкусот. Содржат мелени бисквити, мелени лешници, чоколадо…
Ако мислите дека посните колачи не може да бидат вкусни, тогаш пробајте ги овие и ќе се уверите во спротивното. Секако, истите можете да ги направите и во масна варијанта. Гнездата можете да ги полните со чоколаден ганаш крем, некој готов еурокрем, нутела или топено чоколадо во слатка павлака.
Потребни состојки: 200 мл вода, 200 г шеќер, 150 г маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 250 г мелени бисквити, 150 г мелени лешници, претхотно испечени. За валкање: околу 100 г крупно сечкан лешник. За полнење: 150 мл слатка павлака и 100 г чоколадо за готвење.
Постапка: Најпрво потпечете ги лешниците во рерна, на 180 степени околу 10-15 минути, со често промешување со лажица. Излупете ги од лушпата и сомелете ги. Исто така, сомелете и 150 г бисквити. Во поголемо тенџере излејте вода, додадете шеќер, маргарин и чоколадо искршено на коцки.
Тенџерето со состојките ставете го на оган и загревајте на умерен оган со постојано мешање додека да се растопи. Од моментот на зовривање оставете уште 2-3 минути, па тргнете од оган. Додадете ги мелените бисквити и лешници, добро промешајте, па оваа смеса оставете ја целосно да излади, најмалку 2-3 часа во фрижидер или во замрзнувач на околу еден час.
Не грижете се тоа што врелата смеса ќе изгледа доста ретко и меко. Со ладењето целосно ќе се стегне. Кога смесата се изладила и стегнала, со лажучка вадете мали парчиња, формирајте ги во топчиња и редете ги на тацна.
Секое топче извалкајте го во сечканите лешници, а во средината со прст или со дрчка од лажица направете мало вдлабнување, така да добиете изглед на гнездо. Вака формираните гнезда ставете ги во фрижидер целосно да стврднат.
Потоа полнете ги со фил. За фил: Загрејте ја слатката павлака, па пред да зоврие тргнете од оган и додадете го чоколадото искршено на коцки. Нека отстои така околу една минута, па со жица добро промешајте додека чоколадото целосно да се растопи.
Ставете го кремот во фрижидер да се излади, па потоа можете да го измиксате, но не мора. Наполнете го шприцот, ставете продолжеток по желба и полнете ги гнездата. Филот можете да го направите и еден ден претходно. Гнездата може да стојат во фрижидер и до неколку денови, тогаш се уште поубави.
Коментар на Виолета Младеновска: “Грешка, 200 г шеќер, 200 г вода и 150 г маргарин се зоврива, а потоа се додава 250 г мелени ореви од кои се одвојуваат 4 лажици на страна за валкање, исто и 300 г бисквити и од нив тргате 4 лажици.
Потоа ги промешувате со оревите, но додека се меша со течноста се додава и растопено чоколадо и толку. Потоа правите топчиња, ги валкате и со прст правите дипче и по желба ставате украс. јас ставам чоколадо. брзи, а вкусни, добар апетит.”