Рецепт и видео презентација на „Домашни рецепти” (Homemade recipes) – Чоко кекс торта. Колачот се прави навистина многу брзо со превкусен чоколаден крем кој додека сè уште е топол се филува врз чоколадни кекси. Пробајте, брзо и вкусно, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 3 лажици какао, 6 лажици пченкарен скроб/густин/нишесте, 150 г шеќер, 100 г чоколадо, 400 г кекси со какао, 50 г путер за глазура и 200 г чоколадо со лешници за глазура




ПОСТАПКА: Во тенџере ставете 1 литар млеко, 3 лажици какао, 6 лажици густин, 150 г шеќер и 100 г чоколадо искршено на коцки. Загревајте на тивок оган со постојано мешање додека состојките да се растопат и изедначат во мазна смеса без грутчиња.




Варете ја смесата сè додека да згусне како пудинг. Филот не треба да се остава да се олади. Во калап со средна величина наредете еден слој кекси со какао (вкупно 14, по шетири во три реда), а врз нив рамномерно распоредете четвртина од топлиот фил и израмнете.




Одозгора наредете нов слој кекси и повторувајте ја постапката додека имате материјал, односно, наредете трет и четврт слој кекси врз кои исто така, треба да нанесете фил, а врз петиот слој не ставате фил.




Бисквитите што ќе ги користите може да бидат чоколадни, односно од какао, но мое да бидат и обични, по ваш вкус. Со какао кексите се добива убав чоколаден ефект. Исто така, не треба да ги натопувате во млеко, затоа што од топлиот фил убаво ќе омекнат.




За глазура: во еден сад ставете 50 г путер и 200 г чоколадо со лешници. Може да користите и обично чоколадо, па во глазурата накнадно да ги додадете лешниците. На тивок оган растопете го чоколадото, а потоа глазурата прелијте ја врз колачот и рамномерно распоредете.




Оставете го колачот еден час да одмори во фрижидер за да се стегне и излади, а потоа сечете го и послужете го. Деталите од целата постапка може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.